Во С. Македонија ќе се гради еден од најголемите соларни паркови во Европа

На површина од 452 хектари, на локацијата каде требаше да се гради карго аеродромот во Штип, ќе се гради соларен парк со капацитет за производство до 400 мегавати електрична енергија, кој треба да ги задоволува потребите на скоро 100 илјади домаќинства.

На денешната презентација на француската гринфилд инвестиција од компанијата „Акио Енерџи“ беше соопштено дека Соларниот парк „Стипион“, кој ќе се гради во текот на 2022 година, ќе биде еден од најголемите во Европа.

„„Акио Енерџи“ со изградба на Соларниот Парк „Стипион“, како и германската „Ви-Пи-Ди“ која вложува во новиот ветерен парк „Вирови“, ќе дадат нов стимул на нашата економија, со ангажирање на домашна работна сила, млади кадри кои својата иднина ја гледаат во ваквите современи компании. Оваа Влада како ниедна до сега вложува во енергетиката и направи амбиент за инвестиции во обновливи извори на енергија и користење на природните ресурси, сонцето, ветерот, водата – за производство на електрична енергија. Вложувањето во енергетиката над 30 години беше занемарено, а инвестициите сведени на минимум“, рече премиерот, Зоран Заев.

Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција истакна дека оваа инвестицијата е најголемата француска инвестиција во Северна Македонија во последните петнаесетина години.

„Овој соларен парк ќе биде најголемиот кој досега е изграден во овој регион од Западниот Балкан. Оваа инвестиција исто така има големо стратешко значење, бидејќи ќе придонесе да се зајакне енергетската независност на Северна Македонија, истовремено помагајќи ѝ на земјата да го изоди својот амбициозен европски пат за намалување на емисиите на јаглероден диоксид“, рече амбасадорот.

Ерик Ското, претседател на компанијата „Акио Енерџи“ од Франција истакна дека проценетата инвестиција се очекува да биде околу 270 милиони евра во пределот на општините Штип и Свети Николе.

„Ќе работиме со сите релевантни чинители за да го изградиме најдобриот соларен проект на услуга на вашите граѓани. Како резултат на оваа инвестиција во земјава се инјектираат 620 GWh чиста енергија, заштедени се 380.000 тони CO2 годишно, а ќе се обезбедат над 94.000 домаќинства со чиста енергија. Дополнително креираме вработувања за локалното население“, рече Ското.

„Акио Енерџи“ основана е во 2007 година и е водечка компанија за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија во Франција. Располагаат со портфолио од над 1.100 MW на електрани од обновливи извори, главно фотонапонски електрани низ целиот свет.