Град во Полска го укинува данокот на имот за сите кои ќе постават зеленило на крововите и фасадите

Граѓаните на полскиот град Калиш ќе добијат ослободување од данокот на имот доколку постават зеленило на крововите или фасадите на своите домови.

Мерката, која ја изгласа градскиот совет, ќе стапи на сила од 1 јануари 2022 година. Главната цел на проектот е адаптирање и ублажување на негативните последици од климатските промени.

„Зелените фасади и кровови се добар начин да се подобри квалитетот на воздухот во градот и да се подобри квалитетот на животот. Зелените фасади станаа природен филтер за загадувањето. Тие ја регулираат и температурата во објектите, односно штитат од топлина и ветер, ја намалуваат бучавата и го апсорбираат вишокот влага. Истовремено ја подобруваат естетиката на нашиот град“, вели градоначалникот на Калиш, Кристијан Кинастовски.

Тој додава и дека дополнителна придобивка од ваквиот тип вегетација е што, во споредба со дрвјата, може да биде ставена на многу повеќе локации.

Ослободувањето од данокот на имот треба ќе важи само за станбени објекти кои не се користат за бизнис активности.

Калиш претходно направи уште неколку еко-активности. Дел од нив се зелени автобуски постојки, засадување дрвја и кофинансирање на набавки на резервоари за собирање на дождовната вода, како и дистрибуирање на „хотели за инсекти“ во училиштата, кои овозможуваат правење гнезда на голем број инсекти.