Во Младинскиот културен центар од денес е поставен уште еден уметнички експонат. Делото
„Океан од тишина“ е достапно за посетителите во холот на институцијата и е подарок од ликовниот уметник Перо Кованцалиев.
Станува збор за релјеф составен од акумулација на ушни школки, изработен од полиестер, со димензии 2 × 1 метар. Со ова дело, авторот ја мапира акустичната пасивност и колективната инертност во контекст на
современиот корпоративен милитаризам, информираат од МКЦ.
Во соопштението се наведува дека делото нуди визија на семиотички молк: ушните школки се фосилизирани во нафтени и воени детерминанти, каде што информацијата за глобалното превооружување се прима како статички шум, без капацитет за социјална артикулација. Истовремено, делото нè соочува со прашањето:
каква иднина гради светот кој толку интензивно се вооружува?
Перо Кованцалиев е уметник чие творештво произлегува од стремежот за подобрување на културолошката, општествената и социјалната средина преку ликовни интервенции и дела што инспирираат и поттикнуваат промени кон одржлив развој, се вели во рецензијата.
Неговите дела промовираат пацифичен начин на комуникација и овозможуваат видливост на маргинализирани теми, потиснати од агресивните маркетинг-индустрии. Тој тематизира различни форми на насилна експлоатација, како и неодржливи традиционални практики.
Работи во медиумите на експерименталниот цртеж, сликарството, фотографијата, видеото, ликовната инсталација, скулптурата и кинетиката.
Досега, Кованцалиев има реализирано повеќе самостојни и групни проекти во земјата и во странство. На 14 мај годинава, во Македонскиот културен центар во Софија, Бугарија, ќе се претстави со изложбата „Дамки“, која претставува континуитет на неговите претходни проекти „Капиталистичка авантура“ и „Политичка лиричност“.



