Во Кочани отворен Центар за ментално здравје во заедницата кој ќе работи нонстоп

Центар за ментално здравје во заедницата денеска беше отворен во рамки на општата болница во Кочани, со цел зголемување на пристапот на граѓаните до услугите за ментално здравје во општината, соопшти Министерството за здравство (МЗ).

Министерот за здравство Беким Сали посочи дека центарот ќе работи 24 часа на ден, седум дена неделно, за да им обезбеди постојана грижа и поддршка за менталното здравје, како и услуги за кризни ситуации на граѓаните.

„За таа цел, комплетно е реновиран и опремен објект во рамки на болницата, а инвестицијата изнесува 15 илјади евра. Центарот е екипиран со стручни лица, како што се двајца психијатри, психолог и три медицински сестри. Пациентите кои имаат потреба од здравствени услуги во центарот ќе бидат упатувани со закажување преку системот Мој Термин“, изјави Сали.

Специјалната претставничка и раководителка на канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје Ане Јохансен посочи дека пандемијата со коронавирусот создаде глобална криза со менталното здравје, поттикна краткорочен и долгорочен стрес и го наруши менталното здравје на милиони луѓе низ светот, вклучително и во Северна Македонија.

„Потребата да се подобрат услугите за ментално здравје сега е навистина очигледна. Со основање на овие центри и со зајакнување на грижата за ментално здравје во центрите што веќе се формирани, имаме можност да оствариме значаен напредок кон подобро ментално здравје за населението во Северна Македонија“, рече Јохансен.

Во меѓувреме, националниот соработник со СЗО во областа на менталното здравје и претседател на Комисијата за ментално здравје при Министерството за здравство Стојан Бајрактаров рече дека стигмата и дискриминацијата, за жал и понатаму се пречка за општествена инклузија и пристап до соодветни услуги за ментално здравје.

„Ги поттикнуваме сите да побараат помош доколку имаат потреба“, порача Бајрактаров.

Центарот во Кочани е отворен во пресрет на Светскиот ден на ментално здравје, кој традиционално се одбележува на 10 октомври, посочија од Министерството за здравство.

Според Националната стратегија за унапредување на менталното здравје, предвидено е зајакнување на услугите за ментално здравје во заедницата и натамошно отворање на нови центри низ државата. Од Министерството за здравство посочуваат дека еден од приоритетите е децентрализација на грижата за ментално здравје.

Во претстојниот период, оттаму најавија дека со поддршка од агенциите на ОН, СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА ќе се фокусираат и на зајакнување на услугите за ментално здравје за деца и адолесценти.