Во Кичево стапија на сила мерките за високо загаден воздух

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) попладнево информираше дека во Кичево стапија на сила мерките и препораките поради надминатите прагови на аерозагадување.

Последниве два дена во градот биле измерени среднодневни концентрации од 155 и 150 mg/m3 ПМ-10 честички. Мерките и препораките според владината Уредба се активираат кога ќе биде надмината вредноста од 150 mg/m3 два дена по ред.

Согласно заклучоците од записникот од 40-та седница на Владата на Република Македонија одржана на 28.11.2017 година, за градот Кичево стапуваат на сила следните препораки и мерки:

Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни да:
•               Препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
•               Препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот.
•               Препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
•               Обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Владата на Република Македонија:
•               Да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила.
•               Да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа:
•               Да обезбедат прифатилишта за  сместување на  бездомници.
•               Да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство:
•               да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина:
•               Да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави:
•               Препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.