ДИЖС и наложи на „Цементарница УСЈЕ“ за загревање да се префрли од мазут на природен гас

Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) соопштија дека издале решение со кое на „Цементарница УСЈЕ“ и се наложува во рок од пет дена во котлите со кои се загрева фабриката, да се користи природен гас како гориво и да изведе соодветен приклучок за вршење мерење на емисии со акредитирана метода.

Дополнително Инспекторатот наложи во следните 10 дена компанијата, откако ќе започне да користи природен гас, да изврши мерење на емисијата на гасови од оџакот на котелот кој ќе биде во функција, како и во рок од 15 дена да направи мониторинг на сите емисиони точки од производните процеси со акредитирана лабораторија за животна средина, во присуство на државен инспектор.

Во решението се посочува дека трошоците од анализата направена на 3 и 4 јануари 2023 година ги сноси субјектот на инспекциски надзор, бидејќи е утврдено дека примероците не одговараат на пропишаните стандарди согласно А-интегрираната дозвола.

Од ДИЖС велат дека доколку утврдат дека не се постапува согласно решението ќе поднесат прекршочна постапка пред надлежниот орган или суд, односно кривична постапка пред надлежен орган или суд и ќе отпочне постапка за одземање на добиените дозволи и овластувања.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска преку соопштение до јавноста информираше дека единствените утврдени неправилности при инспекциите на ДИЖС врз „Цементарница УСЈЕ“ биле регистрирани од котларата за парно греење која користи мазут.

Од Министерството велат дека поради надминување на прагот за алармирање во однос на квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје, Државниот инспекторат за животна средина, во соработка со Инспекторатот за животна средина од Град Скопје, извршил вонреден инспекциски надзор над „Цементарница УСЈЕ“ на 30 декември, при што се побарани извештаи за мерења од двата испусти од печките 3 и 4 за 28 и 29 декември 2022 година.

„Исто така, вонреден инспекциски надзор е извршен и на 03 и 04 јануари 2023 година од страна на Државниот инспекторат за животна средина во соработка со Инспекторатот за животна средина на Град Скопје и акредитирана лабораторија, која изврши мерење на емисија на гасови и прашина од оџаците на двете печки за клинкер. На 04 јануари 2023 година. извршени се мерења на емисија на гасови од оџакот на парниот котел со моќност од 4,2 МW кој користи мазут како гориво. По добивањето на резултатите од мерењето на акредитираната лабораторија, на 11 јануари 2023 година, се констататира дека измерените параметри од двете печки за NOx, SO2 и прашина се во рамките на максимално дозволени концентрации според А-интегрираната еколошка дозвола. Емисиите од котларата за парно греење која користи мазут, покажува надминување за NOx и изнесува 711,9 mg/Nm3“, соопштија од МЖСПП.

Вчера од Град Скопје најавија кривична пријава за „Цементарница УСЈЕ“ и излегоа со поразлични квалификации за загадувањето кое доаѓало од компанијата. Според нив на мерењата направени на 26 и 27 декември 2022, и 3 и 4 јануари годинава биле измерени огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици кои го загадуваат и нарушуваат квалитетот на амбиенталниот воздух.

„Конкретно, во месец декември минатата година, измерени се три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата, а слични резултати добивме и при мерењето кое е извршено на почетокот на овој месец. Станува збор за испуштање на три пати поголеми количини од дозволените, на метар кубен секој час“, соопштија од Град Скопје.

Од „Цементарница УСЈЕ“ обвинувањата од Град Скопје ги карактеризираа како неосновани и негираа дека на 26 и 27 декември 2022 година имало направено мерења во фабриката, додавајќи дека тие податоци не можат да се поврзат со нив. Од компанијата вчера  посочија дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребувал мазут, и дека, според нив, тоа е дозволен енергенс согласно А-интегрираната еколошка дозвола.