Во Исланд се најавува протест против премиерот, по објавувањето на документите од Панама

Премиерот на Исланд Сигмундур Давид Гунлогсон се најде под силен притисок од јавноста да поднесе оставка, откако во т.н. Панамски документи беше објавено дека тој и неговата сопруга се поврзани со офшор компании.

Германскиот весник Süddeutsche Zeitung вчера го објави досега најголемиот проток на документи во историјата на новинарството. Се работи за документи на панамска адвокатска фирма на интернет, во кои се споменуваат имиња на познати политичари, бизнисмени и влијателни личности. За премиерот на Исланд се наведува дека во 2007 година на Британските девствени острови основал офшор компанијата „Wintris”, заради сокривање на неколку милиони долара во текот на финсиската криза на Исланд.

Гунлогсон ги отфрли сите тврдења од панамските документи, нарекувајќи ги лов на вештерки против него и неговата сопруга. Синоќа се појави видео во кое тој за време на интервју што го дал во март за шведската телевизија SVT, на прашање на новинарот дали е сопственик на офшор фирми, нервозно станува и си заминува од интервјуто.

Повеќе од 16.000 граѓани, веќе потпишаа петиција со која се бара оставка од премиерот, а најавени се и протести пред зградата на Владата, за кои е обезбеден пренос во живо.