Објавени 11,5 милиони документи кои докажуваат огромни корупциски афери

Германскиот весник Süddeutsche Zeitung го објави досега најголемиот проток на документи во историјата на новинарството. Се работи за документи на панамска адвокатска фирма на интернет, во кои се споменуваат имиња на познати политичари, бизнисмени и влијателни личности.

Панамските документи „потврдуваат дека глобална индустрија водена од поголемите банки, правни фирми и компании за менаџмент со ресурси, тајно го управува имотот на богатите и славните низ светот, од политичари, службеници на ФИФА, измамници и трговци со дрога, сé до познати лица и професионални спортисти“, пишува германскиот весник.

Документите покажуваат дека активностите на панамската фирма Mossack Fonseca се случувале од 1970 година до неодамна. Последниот објавен документ е напишан во декември 2015 година.

Во документите се спомнуваат многу значајни имиња, меѓу кои и 143 политичари, нивните семејства и блиски соработници низ светот. Меѓу државните лидери со богатство создадено во офшор фирми, се спомнува Владимир Путин, Петар Порошенко, претседател на Украина, Наваз Шариф, пакистанскиот премиер, Ајад Алави, поранешниот технички премиер и поранешен заменик-претседател на Ирак, Ала Мубарак, син на поранешниот египетски претседател и премиерот на Исланд, Сигмундур Давид Гунлаугсон.

Од спортисти, се споменува Лионел Меси. Замешани во корупциската афера се и семејствата на осум актуелни и поранешни членови на врховното владеачко тело на Кина, политбирото. Триесет и три индивидуи кои биле санкционирани поради поддржување на режим во Северна Кореја, Зимбабве, Русија, Иран и Сирија исто така биле клиенти на Mossack Fonseca.

Во документите се спомнува и клучен член на етичкиот комитет на ФИФА.

„Панамските документи вклучуваат 11,5 милиони документи – повеќе од вкупниот број на документи објавени од Wikileaks Cablegate, Offshore Leaks, Lux Leaks и Swiss Leaks“, пишува Цајтунг.

Иако нема ништо противзаконско при формирањето на офшор компании, податоците покренуваат важни прашања за етиката на таквите „даночни раеви“.

Од весникот велат дека ги добиле документите на адвокатската фирма пред една година, од анонимен извор кој „не сакал ниту финансиска компензација ниту било што за возврат“.

Германскиот весник обезбедил и други документи за истрагата во која биле вклучени 400 новинари од повеќе од 100 медиумски организации во повеќе од 80 земји, кои Цајтунг ги анализирал во соработка со Интернационалниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ).

Извор: Ruptly/Guardian