Во Хонг Конг уапсени 60 лица поради протест на денот на кинеската државност

Полицијата во Хонг Конг вчера уапси 60 лица затоа што учествувале на неовластен протест за време на Националниот ден на Кина, пренесува српски „Данас“.

Оттаму соопштија дека пред апсењето, неколкупати ги предупредиле насобраните граѓани да се разотидат, а тие го игнорирале таквото предупредување. Меѓу уапсените има и два окружни советници.

Демонстрантите скандираа „Распуштете ја полицијата“ и „Ослободете го Хонг Конг, револуцијата на нашето време!“, што претставува продемократски слоган кој беше забранет од Владата поради наводен сецесионизам.

На собирот имало повеќе полициски службеници отколку демонстранти.

Протестите против Владата на Хонг Конг и централната влада во Пекинг се разгореа минатата година, по објавувањето на кинескиот закон за национална безбедност, кој сепак стапи на сила на 30 јуни годинава.

Законот забранува „субверзивни, сецесионистички и терористички активности“, како и „странско мешање“. Соединетите Американски Држави и Велика Британија ја обвинија Кина дека со тоа се кршат граѓанските слободи.

На приемот по повод Националниот ден на Кина, шефицата на Владата на Хонг Конг, Кери Лам рече дека со новиот закон е „вратена стабилноста во општеството и е заштитена националната безбедност“.