Во „Георги Димитров“ ниту еден ученик не го „паднал испитот“ за упис, примени се 199 кандидати од 226 пријавени

Квалификацискиот испит кој го полагаа кандидатите за упис во гимназијата „Георги Димитров“, го полагале 226 ученици и ниту еден од нив нема освоено 0 бодови, односно ниту еден не „паднал“ на испитот, како што вчера од собраниската говорница кажа министерката за образование и наука Весна Јаневска. Оваа изјава предизвика низа реакции во јавноста, па во интерес на вистината, Мета се обрати и во училиштето и во МОН за појаснувања.

Ранг-листата со примени и одбиени кандидати, денеска училишното раководство ја објави на нивната Фејсбук страница. Како што се гледа на списокот, осуммина ученици не се појавиле на квалификациското тестирање, а последниот кандидат има освоено 24 поени.

Зборувајќи за измените кои се предвидени во законите за образование, на пратенички прашања во Собранието, Јаневска вчера кажа:

„Завчера во „Георги Димитров“ полагаа 75 скроз одлични, 50 посто го паднаа испитот. Нема веќе поправање оценки на наставнички совет, ќе си дојде ученикот ако сака да ја поправи оценката заедно со родителите пред комисија од тројца, нека поправа, а не може – Kренавме рака зашто ни се допаѓа родителот или зашто градоначалникот така кажал. Ако нешто нe функционира на терен, повторно ќе ги менуваме законите оти мора да профункционира системот на образование. Младите затоа ни отидоа, тие со заслужени петки не сакат тие со двојки да добиваат петки и на наставнички да се соберат 15 наставници од двојка да му направат петка. Сега нема поправање, нема бришење изостаноци, нема местење стипендии на тие што не заслужуваат и во ученичките домови оваа година се сместени тие што заслужуваат“.

Саша Стоименов, директорот на училиштето за Мета кажа дека нема кандидати кои паднале на испитот и дека најверојатно се работи за недоразбирање, по што беа објавени резултатите од квалификацискиот тест и ранг-листата на примени ученици со освоени бодови.

„Во првиот уписен рок за прва година за учебната 2025/2026 година во гимназиско образование за 238 места конкурираа вкупно 309 ученици. Од нив примени беа 39 ученици со поени од државни и меѓународни натпревари, а за останатите 199 места се спроведе квалификациско тестирање на кое учествуваат вкупно 226 ученици со среден успех 5,00. Од нив најдобро рангираните 199 ученици станаа наши ученици во прва година“, пишува во објавата на Фејсбук.

За упис во ова училиште во последните години има голем интерес кај учениците. Голем интерес имаше и за насоките забен техничар и медицинска сестра на албански наставен јазик во „Д-р Панче Караѓозов“, каде што исто така преку тест мораше да се изврши селекција бидејќи се пријавиле поголем број ученици со успех 5,00 од бројот на предвидени места за упис.

Како што за Мета информира Хирмин Дураку, директорот на училиштето, по спроведеното тестирање, биле одбиени 46 ученици кои немале доволен број поени за да се запишат во медицинско.

„За насоката забни техничари имавме 35 ученици со ист број на бодови, а максимумот во една паралелка е 34. На насоката медицинска сестра, со ист број поени беа 148 кандидати, а од нив, по тестирањето, примивме 102. Останатит беа одбиени. За насоката медицинска сестра на македонски наставен јазик немавме проблем бидејќи таму има повеќе паралелки, немаше потреба од квалификациски тест“, рече Дураку за Мета.

Второто пријавување за упис ќе се реализира електронски на 30 јуни. Потоа, кандидатите ќе треба да ги однесат и хартиените документи во училиштата во кои аплицираат. Деталите ги има во Конкурсот за упис.

Мета.мк