Во Автокоманда утре најавен протест – иницијаторите бараат протоколи за ноќните клубови

Да се спречи изумирањето на ноќните клубови, да се донесат протоколи за работа и да се вратат во функција сите комплементарни дејности – диџеи, музичари, фотографи.

Ова се барањата на Events promo MK, кои утре од 14 часот најавуваaт протест во скопската населба Автокоманда на булеварот „Александар Македонски“, кај главната раскрсница кај пожарна и Земјоделскиот факултет.

Од Events promo MK велат дека забраната за клубовите трае, а помош од владата нема, иако тврдат дека се најпогодени.

„Ние се уште чекаме протоколи за работа веќе една година, гледајќи го нашиот бизнис како згаснува“, соопштуваат во најавата за протестот, за кој велат дека ќе биде мирен и со почитување на сите здравствени протоколи.

Инаку, во октомври веќе имаше протест пред Влада, кога протестираа здружени работници од ноќните клубови, од угостителскиот и музичкиот сектор.

Тогаш претставник на ноќните клубови изјави дека биле опфатени во првиот сет мерки, но не можеле да имаат вработени, бидејќи немаат приходи и се дојдени до финансиски колапс. Беше речено дека имаат предлог со протоколи за ноќните клубови со мерење на температура на влез, електронско продавање карти, вентилации, дистанци на маса и задолжителна дезинфекција.

Клубовите поради пандемијата беа затворени уште средината на ланскиот март и досега не функционираат.