[Фото] Музичари и угостители на протест пред Влада: Да не трпи целата фела поради тие што не почитуваат протоколи

Со музика од бина, говори и импровизиран „ноќен клуб“ на кој пишуваше „Closed“ (Затворен), денеска пред Влада се одржа протестен собир на повеќе здружени работници и поддржувачи од угостителскиот и целиот музички сектор.

Револтот е кон последните мерки против Ковид-19 – рестрикциите за гостување на групи и диџеи во угостителските објекти, максимално ниво на бучава до 55 децибели и максимум 4 луѓе на маса. Исто така, угостителите и музичарите тврдат дека не треба целата фела да трпи поради оние што не ги почитуваат досегашните протоколи.

Како организатор на протестот пред новинарите и насобраните граѓани се јави пејачот Даниел Сидовски. Тој тврди дека сакаат и понатаму да работат по протоколи, но „по протоколи кои се повредни отколку да се работи на диво“.

 „Спремни сме се уште да бидеме достојни почитувачи на законот и мерките кои ги носите, несомнено ние сме културни уметници, затоа така и се декларираме. Во спротивно ќе избие најголемиот револт од кој се плашиме и самите ние. На наше барање, имате рок од 2 денови за изнаоѓање одговор и пуштање во работен однос на се’ што е ‘Забрането да се работи’ и се’ што се засегнато од денешниот протест. Доколку не го сторите тоа до 9 октомври, петок, ние на празникот 11 Октомври, недела, ќе оствариме уште помасовен протест, но овој пат со многи појака бучава од вашите експертни 55 децибели“, рече Сидовски, обраќајќи се до премиерот Зоран Заев.

Според него, само во угостителската и свадбена индустрија се засегнати 20.000 вредни работници, или индиректно 100.000 луѓе.

Оттука, Сидовски очекува од премиерот Заев да ги прими уште утре да ги презентираат своите протоколи.

„Земете примери од некои светски земји како се справуваат со целата ситуација, и ќе увидите како една Шведска го подигнува расположението, културниот и здравствениот систем во својата земја. Ние сме големи помагатели на економијата во Северна Македонија, затоа сме ви од голема помош“, нагласи Сидовски.

Исто така, рече дека премиерот Заев токму на оваа улица „Илинденска“, пред Владата, си го бараше своето право со шатори.

„Така што, господине премиере, ставете се во наша ситуација и замислете колкава ќе биде бројката кога ќе бидеме пред Владата, исто така со шатори“, нагласи Сидовски.

Горан Арсовски, претставник на ноќните клубови, рече дека ќе предложат мерки со кои нема да има опасност од ширење на коронавирусот, а сепак ќе можат да опстојуваат и работат.

„Во првиот сет мерки бевме опфатени, но не може да има вработени. Како ќе ги задржиме на работа, кога немаме приходи, дојдени сме до финансиски колапс. Затоа ние имаме предлог со протоколи кои можат да ги спроведат клубовите, а тоа се мерење темпертура на влез, електронско продавање карти, поставување сигурни вентилации, дистанци на маса и задолжителна дезинфекција“, рече Арсовски.

Поддршка на протестот дадоа и различни музичари, автори, инструменталисти, диџеи…  меѓу нив беше и Петар Младеновски од групите „Суперхикс“ и „Педро Хоризонте“, кој е дел и од иницијативата „Музика – сега“.

Младеновски не знаеше точно кој го организира протестот, ама, вели тој, важно е дека сите музичари, од сите фели, ја делат истата мака и се на раб на преживување.

„Сите се принудени периодов да останат дома, а со тоа директно се доведени до раб на егзистенција, но и под знак прашање се понатамошните нивни ангажмани и како ќе преживеат. Тоа е она што не’ обединува. Треба да се стави малку ред на разни нелегални собири, на селективниот пристап на казнување на оние што не ги почитуваат протоколите итн…“, рече Младеновски.

Тој вели дека и Здружението „Музика – сега“ се бори за правата на музичарите, со цел малку да си го вратат достоинството и да се изборат за правата што им следуваат, но и да имаат пофер пристап кон носење идни мерки, протоколи и закони што ги тангираат.

„Поддршка за сите кои се тука денеска и се надевам дека нешто ќе смениме и ќе не’ слушнат овие луѓе кои примаат месечни примања и разноразни бонуси во Владата“, рече Младеновски.

Бојан Шашевски