Владата забрани извоз на огревно дрво, пелети и пченица и брашно

Владата на вчерашната седница донесе одлуки за ограничување на извозот за одредени производи и за укинување на царината за увоз на маслото за јадење од сончоглед. Оттаму велат дека одлуките се донесени со цел да се заштити домашното производство и да се одржи снабдувањето на домашниот пазар, за да се избегне растот на цените.

Па така, до крајот на годината се ограничува извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица, со цел да се спречат сериозни пореметувања на пазарот во земјата, кои велат дека може да настанат со извоз на пченица и брашно од земјава.

„Во услови на економската криза предизвикана од воените случувања во Украина и пореметувањата на светскиот пазар на пченица на кој се јавува сериозен недостиг на пченица, потребно е да се превенираат евентуалните дополнителни нарушувања на пазарот во земјата кај овие основни прехранбени производи, неопходни за исхрана на населението“, се посочува во владиното соопштение.

Истовремено, донесена е и одлука за ограничување на извозот на огревно дрво и пелети до крајот на годината, со цел да се спречат и избегнат последиците предизвикани од зголемената побарувачка на населението за огревно дрво предизвикана од енергетската криза на светскиот пазар.

Дополнително, Владата повторно донесе одлука за укинување на увозната давачка, односно царинската стапка за увоз на маслото од сончоглед за јадење, поради потребата да се одржува снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените.

„Оваа одлука ќе важи до 31.12.2022 година. Ваква одлука се применуваше до 31 мај 2022 година. Имено, редовната царинска стапка на маслото од сончоглед за јадење е максимум 29%, така да со оваа мерка се дава можност на увоз од други земји за кои нема преференцијален третман во трговијата или се предмет на мала бесцаринска квота во рамки на договорите за слободна трговија“, додаваат од Владата.