Владата тврди дека регистрирањето на половни возила нема да го загади воздухот

Намалените давачки за регистрација на возила со странски таблички нема да влијаат врз зголемување на загадувањето на воздухот, бидејќи останува критериумот за увоз на стари возила со Еуро 4 стандард, тврдат од Владата.

„Последната информација од Царинската управа е дека драстично е намален бројот на увезени стари возила, а наметнувањето на критериумот Еуро 4 стандард за моторите, сепак, е во насока дека нема простор старите возила на било каков начин би влијаеле врз квалитетот на воздухот, на сообраќајот итн”, истакна владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција.

Предлог-законот што Владата го усвои вчера на седница, како што појасни Арсовски, е донесен на иницијатива на сопствениците на вакви возила, а во Буџетот како прилив се очекуваат околу 25 милиони евра.

Целта на Предлог-законот е да се регистрираат возилата со странски таблички со намалени давачки до 50 проценти од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи. Одредбите од овој Предлог-закон се однесуваат на возила увезени до 1 октомври годинава со најмалку Еуро 4 стандард и ќе се применуваат за времетраење од една година. Предложеното законско решение, како што вчера соопшти Владата, е доставено на усвојување во Собранието.

„02 Иницијатива“ денеска реагираше и ваквите измени ги окарактеризира како „еден чекор напред, три назад“.

„Додека се фалат со субвенции за дел од домаќинствата или посадени дрва, демек работат на случајот – аерозагадување, имаме вакви мерки – стимулирање на носење секаков отпад од Европа во вид на луксузни автомобили“, се вели во реакцијата на „О2“.

Ова се три чекори назад, реагира „02“ за 50% помалите давачки за регистрацијата на возилата со странски таблици