Ова се три чекори назад, реагира „02“ за 50% помалите давачки за регистрацијата на возилата со странски таблици

Ова е тоа еден чекор напред три назад, додека се фалат со субвенции за дел од домаќинствата или посадени дрва, демек работат на случајот – аерозагадување, имаме вакви мерки – стимулирање на носење секаков отпад од Европа во вид на луксузни автомобили, реагираат од „О2 Иницијатива“ откако е беше утврден Предлог-Законот за регистрација на возилата со странски регистарски таблички, со кој половни возила со странски регистрации ќе можат да се регистрираат во земјава со давачки намалени за 50 отсто.

Според еко-актвиситите, не е проблемот дека не може обичниот човек да дојде до колку толку автомобил во возна состојба – зошто такви имаме во голем дел на нашиот пазар, не се ни увезуваат зошто заработката е мала.

„Ако погледнете на плацевите, во главно тоа се коли од повисока класа, коли кои за ЕУ се неприфатливи во однос на загадувањето, а кај нас – статусен симбол, што е важно дали загадува. Важно буџетот да се полни, секогаш парите се најприоритетни, додека последиците од загадувањето кое го дозволуваме и финансиите за негово санирање се многукратно поголеми“, велат од „О2“.

И додека Европа оди кон целосна забрана на дизел и бензин возилата, оди кон електрични, возила на водород, велат „О2“, ние ќе увезуваме бугарски крш на нашите улици и повторно загадувањето на воздухот ќе падне во сенка на некакво моментално полнење на буџетот.

„До кога со вакви политики на аминување на возила кои надвор во ЕУ никој не ги сака? Влада на Република Северна Македонија важно е обврзана на имплементација на Зелениот договор на ЕУ и на зелен транспорт, но само на хартија. Во пракса – дајте ни ги старите возила кои не се за улиците на Европа“, се вели во реакцијата на „О2 Иницијатива“.

Инаку, Владата на вчерашната 24 седница го утврди текстот на Предлог-законот за регистрација на возила со странски регистерски таблици, со одлука да биде доставен на усвојување во Собранието.

„Целта на овој Предлог-закон е да се регистрираат возилата со странски таблици со намалени давачки до 50% од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи. Одредбите од овој Предлог-закон се однесуваат на возила увезени до 1 октомври оваа година и со најмалку Еуро 4 стандард и ќе се применуваат за времетраење од една година. Предлог-законот ги опфаќа моторните возила за превоз на патници (категорија М), возилата за превоз на товар (категорија N), возилата на две и три тркала и квадрацикли (категорија L) и приколки – вклучително и полуприколки (категорија О)“, соопштија од Владата.