Владата ќе ги повлече предлог-измените на Законот за јавни собири

По реакциите во јавноста по за отежнувањето на организирање на протести со предложените измени на Законот за јавни собири, Владата најави дека го повлекува предлог-законот.

„Владата на Република Северна Македонија ги слушна забелешките на граѓанските организации за најавените предлог измени на Законот за јавни собири и на денешната 164-та седница одлучи да ги повлече предлог-измените со цел да се обезбеди поширока консултација. Владата смета дека има простор за разговори и за подобрување на содржината со цел овозможување слобода на изразување на став на јавни простори низ јасно утврдени регулативи и исклучиво во согласност со Уставот на РСМ“, соопштија од Владата.

Со предлог-законот се превидуваше минимум 50 граѓани, наместо досегашната бројка од 20 лица за организирање јавен собир, забрана за собир во седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив, како и одредби во кои лицата кои присуствуваат на јавниот собир не смеат да носат средства на лицата и главата кои го отежнуваат утврдувањето на нивниот идентитет и временски период во кој може да се одржува јавниот собир – од 06 до 23 часот.