МВР предлага да се отежни организирањето протести

*ДОПОЛНУВАЊЕ: По објавата, од Владата испратија соопштение до медиумите во кое најавија дека ќе го повлечат предложениот-закон за изменување на Законот за јавни собири.

Минимум 50 граѓани да можат да организираат протест, наместо досегашната бројка од 20 луѓе, предвидува новиот предлог-закон за изменување на Законот за јавни собири кој го предлага Министерството за внатрешни работи.

Покрај оваа одредба, се менуваат и дел од условите за местата каде е забрането да одржуваат јавни собири. Покрај досегашните забранети локации како автопатишта, болници и градинки и училишта, МВР во предлог-законот додава уште неколку одредби во членот 2 – странските амбасади, објекти и простори од интерес за безбедноста на државата, како и седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив, одредба која беше најконтроверзна кај корисниците на социјалните мрежи.

Одредби од актуелниот Закон за јавните собири (лево) и предложените измени

Во предлог-законот исто така се додава одредба во која лицата кои присуствуваат на јавниот собир не смеат да носат средства на лицата и главата кои го отежнуваат утврдувањето на нивниот идентитет, а се одредува и временски период во кој може да се одржува јавниот собир – од 06 до 23 часот.

Со новиот предлог-закон истовремено се дефинира многу подетално улогата на редарите на јавните собири, а драстично се намалуваат и паричните казни за оние кои прекршуваат одредби поврзани со организација на јавниот собир.

Одредби од актуелниот Закон за јавните собири (лево) и предложените измени

Од МВР, како причина за измена на законот посочуваат дека досегашното применување на актуелниот закон за јавни собири покажал повеќе недостатоци во неговата имплементација о дека целта на измените се да се зголеми ефективноста и ефикасноста на работата на полицијата.

„По извршена анализа, утврдена е потребата од изменување и дополнување на Законот за јавните собири  водејќи притоа сметка да не се загрози правото на граѓаните на мирно собирање и изразување на јавен протест и да не се нарушува јавниот ред и мир на граѓаните, нивното извршување на секојдневните потреби и можност да ги остварат своите основни права, непречено работење на персоналот во здравствените установи, како и да не се нарушува мирот на болните лица во здравствените установи“, стои во воведот на предлог-законот.

Од МВР додаваат и дека интервенцијата во Законот за јавните собири е во релација со одредбите од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и протоколите од Конвенцијата.

Според МВР со предлог-законот се усогласува Законот за јавни собири со новиот Закон за прекршоците во однос на глобите, а се интервенира и во името на државата според новите Уставни амандмани.