Владата и денеска нема пресметка колку ќе чинат утрешните прослави за НАТО и ЕУ

Владата се уште нема пресметка колку ќе чинат утрешните музички прослави за славење на поканата на Република Македонија за членство во НАТО и доближувањето на земјава до ЕУ. Парите ќе бидат обезбедени од граѓаните, преку државниот буџет.

„Организацијата на целиот настан, обезбедувањето на соодветна техника, озвучување, осветлување, бини, ангажман на 45 изведувачи коишто ќе настапат во 15 градови ширум Македонија, изработка на промотивни материјали, изработка и печатење на промотивен материјал за информирање на граѓаните (летоци, постери), трошоци за продукција и пост продукција, ќе биде обезбедено од буџетот на Владата на Република Македонија, а сумата ќе биде објавена веднаш штом се завршат сите пресметки“, се наведува во владиното соопштение.

Како што е наведено во соопштението, музичките настани утре се по повод „поканата на Република Македонија за членство во НАТО и по повод датумот за преговори за членство во ЕУ“. Прославата ја организира одбор предводен од неодамнешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, кој сега е Национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.

За прославата се ангажирани домашни изведувачи, а изборот на градови, како што посочуваат од Влада, е  направен согласно рамномерната географска застапеност.

„Концептот подразбира децентрализација, квалитетна и различна музика во многу градови, одлична културна програма. Одлучивме музиката да ја донесеме кај граѓаните. Без автобуси, без списоци, без принуди“, стои во соопштението.

Радио МОФ вчера побара став од Владата за тоа колку ќе чини прославата, откако на социјалните мрежи се појави музичката програма.  Оттаму посочија дека ги немаат прецизирано деталите, но ќе ги имаат во следните денови. Денеска соопштија дека прославата ќе се плаќа од буџет, но не и колку ќе чини.