Владата ги усвои плановите за отворање на училиштата, во игра се три сценарија за септември

На вчерашната, 83-та седница на Владата беа усвоени плановите за отворање на основните и средните училишта за настава со физичко присуство во учебната 2021/2022 година.

„Оваа одлука на Владата го зема предвид укажувањето на МОН дека училиштето е од суштинско значење за образованието и благосостојбата на децата и учениците и дека одлуката за повторно отворање на училиштата се направи по претходна општа проценка на ризиците, при што се земаа предвид епидемиолошките фактори, степенот на вакцинација на наставниот кадар, образовниот систем, здравствениот систем и капацитетот на јавното здравство, ангажманот на заедницата и државниот капацитет за одржување на социјална и економска поддршка на најранливите“, соопштија од Владата.

Плановите ги изготви Министерството за образование и наука, а со нив се објаснуваат чекорите кои треба да ги преземат основните и средните училишта за да ги обезбедат потребните мерки за заштита и со тоа да го намалат ризикот од ширење на корона вирусот, кои се сообразени со Протоколите за постапување на основните и на средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2021/2022 година.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска изјави дека се прават подготовки за враќање на сите ученици во клупа од први септември под протоколи за заштита од Ковид-19.

„ Новата учебна година ќе започне со физичко присуство за сите ученици. Тоа е и најпосакувано сценарио Секако, наставата ќе се одвива со усвоени протоколи, носење маски, проветрување и мерење на температура“, изјави министерката во вечерашното гостување во телевизија Сител.

Таа рече дека МОН сериозно пристапува и има уште две алтернативни сценарија, но дали и кога ќе се применуваат ќе зависи од Комисијата за заразни болести. Така, доколку епидемиолошката состојба се промени, може да се донесе одлука наставата од петто до деветто одделение да се спроведе со учење од далечина. Третата алтернатива пак предвидува враќање на сите ученици во училиштата под здравствени протоколи, но со ротација на групи ученици, така што една група е во училиште со физичко присуство, додека друга следи настава онлајн.