Избори во недела, настава во понеделник – Ќе има ли време да се дезинфицираат училиштата?

Во недела, до доцна во ноќта низ стотици училишта од Северна Македонија ќе поминат стотици илјади граѓани, ќе се собираат гласачките ливчиња и ќе се бројат гласовите од првиот круг на локалните избори 2021 година. Неколку часа подоцна пак, десетици илјади ученици ќе влезат во истите школски ходници и училници за да ја следат редовната настава.

Прашањето кое логично се поставува е дали ќе има доволно време за соодветна дезинфекција на училиштата по спроведувањето на изборите на 17-ти октомври. Од Државната изборна комисија не` информираа дека за тоа како ќе биде организирана и спроведена дезинфекцијата надлежни се општините. Од Комисијата вчера, преку соопштение за јавноста, потсетија на оваа нивна обврска.

„Државната изборна комисија, врз основа на одредбите од Изборниот законик, ги задолжува сите градоначалници да организираат дезинфекција на сите гласачки места во објектите за гласање. За оваа законска обврска ДИК во неколку наврати во изминатиот период писмено ги извести единиците на локалната самоуправа, со цел почитување на здраствените протоколи за спроведување на изборите, а поради заштита на здравјето на изборните органи, гласачите и учениците“, стои во вчерашното соопштение од ДИК.

На прашањето дали во понеделник ќе биде безбедно учениците да се вратат на настава во училиштата од Министерството за здравство за Радио МОФ велат дека за дезинфекцијата се задолжени и самите училишта.

„Училиштата се должни да спроведат механичко чистење и дезинфекција на училниците и другите простории по завршување на гласање за Избори и тоа не е поврзано со актуелната состојба односно ковид пандемија, туку оваа практика е секогаш и важи за секој изборен процес. Дополнително училиштата имаат протоколи за дезинфекција и заштита од ширење на Ковид-19 и истите се должни да ги почитуваат“, стои во одговорот на Министерството.

Од Министерството за образование не` известија дека наставниот процес во понеделник, со почитување на сите здравствени протоколи, планирано е да продолжи вообичаено да се одвива.

Инаку, протоколите за спроведување настава со физичко присуство во основните и средните училишта за оваа учебна година имаат прилично строги одредби кога се во прашање намалување на физичкиот контакт меѓу различни лица во образовниот процес, хигиената и дезинфекцијата поврзана со пандемијата од Ковид-19. Покрај задолжителното носење маски, дезинфекцијата на рацете на учениците и воведување ред при нивниот прием во училиштата, протоколите го забрануваат и секој физички контакт меѓу вработените во училиштето и учениците, го ограничува влегување на родители во училишните објекти и го лимитира, колку што е можно, мешањето на учениците од различни паралелки.

„Чистењето на училниците се врши пред почетокот на наставата, за време на одморот кога учениците се во училишниот двор и по завршување на сите училишни активности, со вода и сапун/детергент и со дезинфекциско средство кое делува на вируси според упатството на производителот“, стои во протоколите.

Во нив е наведено и дека „просториите задолжително се проветруваат после секој наставен час, најмалку половина час пред пристигнување и по заминување на учениците“, како и дека „за време на наставата во училницата, доколку дозволуваат временските услови, се остава отворен прозорец“.

Дополнително во одредбите стои дека „површините и предметите кои почесто се изложени на допир од страна на вработените во училиштето и учениците се дезинфицираат на почетокот и на крајот на секоја смена, а најмалку два пати на ден“ и дека „училиштето изготвува листа на сите површини кои треба редовно да бидат чистени“. Напишано е и дека „холовите, скалите и останатите заеднички простории се чистат почесто, додека учениците се на настава и по завршување на сите училишни активности“.

Владата на Северна Македонија вчера ја прифати информацијата на Министерството за здравство дека ќе бидат обезбедени потребните количини дезинфекциски средства во изборните единици за претстојните локални избори како одговор на барањето на Државната изборна комисија.

Даниел Евросимоски