Влада Урошевиќ е добитник на „Роман на годината“ за 2022 година

За својот роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, македонскиот писател Влада Урошевиќ ја доби овогодишната книжевна награда „Роман на годината“.

Добитникот на наградата беше соопштен денес, на прес-конференција во кафе-книжарницата „Буква“. Оваа година, во жири-комисијата членуваа Симона Јованоска, Гоце Ристовски, Илир Ајдини, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева.

Награденото дело е седмиот роман на Урошевиќ, а освен што е едно од неговите најобемни дела, препознатливо е по долгиот наслов.

Писателот за време на промоцијата на романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, изјави дека сакал да напише старовремски роман.

„Секогаш кога ќе напишам нов роман долго размислувам каков наслов да му ставам. Знаете, насловот се пишува на крајот. Откако го составив овој долг наслов, во една миговна инспирација допишав поднаслов – Старовремски роман. Овој поднаслов може да се сфати на повеќе начини. Можете да го сфатите како иронија или како предизвик фрлен кон критиката, но и кон читателската публика. Сите сакаат да напишат современ роман, модерен, а еве некој сака да напише старовремски роман. Се надевам дека со тоа не сум ја нарушил суштината на романот и уште повеќе – се надевам дека не сум одбил читатели да го земат в рака. Старовремски роман звучи чудно денес, но мислам дека мене ми одговараше. Насловот можете да го сфатите и со извесна доза на хумор, кажано“, изјави Урошевиќ.

Писателот, на промоцијата, посочи дека со секое ново дело е пред нов предизвик да види што може да направи во нов жанр.

„Се надевам дека помеѓу сите мои романи може да се најде некоја врска, дека сепак се поврзани. На пример, постои врска меѓу ‘Маџун’ и ‘Мојата роднина Емилија’, има врска меѓу ‘Невестата на змејот’ и ‘Дива лига’… Морам да признам дека секогаш со некоја доза на страв ги отворам моите објавени романи. Кога повторно ги пречитувам во мене се борат две чувства: едното е чувство на извесна радост што моите книги напишани пред неколку десетици години сѐ уште живеат, сѐ уште доаѓаат до читателите на иницијативата на некои издавачи. Тоа ме полни со извесна сатисфакција. Од друга страна, постои едно непријатно чувство на пропуштена шанса – секогаш кога ќе читам своја поранешна книга, си велам, ‘ова е мошне добро, но можело да биде и подобро!’ Но, за жал, животот се живее само еднаш и нема враќање назад. Она што сме го направиле – сме го направиле. Како што вели Марко Цепенков: ‘Стореното не може да се отстори’. Во тоа лежи трагичноста на нашиот живот и истовремено неговата неповторлива убавина“, рече Урошевиќ.

Во најтесниот избор за наградата ова година влегоа и авторите Венко Андоновски за делото „Папокот на светлината“, Живко Грозданоски за „Писмо за Глорија“ и „Столб што пее“ од Томислав Османли.

Годинашната награда „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.