Вклучување на младите во процесите на одлучување и креирање политики во државата

„Која би била причината што ќе ве охрабри да останете да ја градите иднината во вашето родно место наместо да се иселите во Скопје или во некоја од западноевропските држави? Веројатно не постои единствен и едноставен одговор на ова прашање, но еден од можните е секако чувството на припадност во заедницата, што зависи од тоа дали активно учествувате во изнаоѓање решенија кои влијаат на вашето секојдневие и од кои зависи иднината и развојот на заедницата“, велат од УНДП.

Од таму посочуваат дека последното Истражување на младински трендови, спроведено од Агенцијата за млади и спорт во 2022 година, покажа дека дури 77,5 проценти од младите сметаат дека не се соодветно вклучени во процесите на носење одлуки на локално и национално ниво. Истото истражување покажува дека секој трет млад човек во државата нема интерес да се вклучи во јавната дебата за општествениот договор. За 37,2 отсто од младите, апатијата и незаинтересираноста се главна причина за невклученоста во младинските организации и општествени процеси. Затоа што сметаат дека нивниот глас ќе се изгуби во општата врева.

„Можеби овие бројки изгледаат поразително, но сигурно не значат дека треба да ‘почнеме да мавтаме со белото знаменце’. Напротив, овој повик за помош е поттик сите општествени фактори да ги вклучат младите, но не само како  статистички потребна квота и не само истомислениците од кои ќе добијат аплауз. Неопходен е отворен пристап кој ќе им каже искрено добредојде на младешката оригиналност, бунтовност, иновативност, креативност, знаење и ентузијазам“, посочуваат од УНДП.

Потенцираат дека има позитивни примери има, но треба да се препознаат и реплицираат. Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) работи на повеќе процеси од кои составен дел се младите, нивните идеи и визии.

„Тука не говориме за нивно вклучување само во некои младински проекти туку во дизајнирањето на иднината во сите активности, од локални политики и демократско владеење до животна средина и вработување“, велат тие.

Дамјан Златановски

Дамјан Златановски е млад европски амбасадор чии главни интереси се животната средина, културата и уметноста. Една од неговите омилени теми за дискусија со врсниците, но и со повозрасните е како да се постигне поголемо инволвирање на младите во општеството. Дамјан е меѓу стотиците млади луѓе кои се директно вклучени во креирањето на новата Национална стратегија за млади 2023 – 2027, процес кој го води Агенцијата за млади и спорт, а меѓу поддржувачите е и УНДП.

„Давањето на бусолата на младите да ја креираат сопствената иднина обезбедува прецизни и вредни сознанија за предизвиците со кои се соочуваме, внесува свежа перспектива во чекор со времето и ефикасност на донесените заклучоци, но исто така има функција и на побудник на самосвеста дека како поединци поседуваме способност да влијаеме на промените, да инспирираме и да креираме политики. Учеството во процесот на креирање на Националната стратегија за млади, покрај што сее перспективна иднина, ќе донесе и плод преку давањето чувство на припадност, уважение, подобрување на личниот развој и вештини и омоќување на нас, младите“, нагласува Златановски.

Дитурим Џеладини

Дитурим Џеладини е млад човек кој сака да придонесе да се подобри квалитетот на живот во неговото родно место. Тој е претседател на Младинскиот совет во Боговиње, општина во полошкиот регион со околу 23.000 жители. Ова е една од десетте локални самоуправи во кои месециве се одржуваат Форуми во заедницата, чија главна цел е да се поттикне поголема граѓанска вклученост во процесите на носење одлуки на локално ниво. Форумите се дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој УНДП го имплементира со поддршка на Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа. Дитурим ги пренесува своите впечатоци од учеството на форумските сесии.

„Младите се многубројна интересна група со големи амбиции, со различна култура, традиција и различни искуства. Ова има влијание врз дискусијата, бидејќи тие можат да ги споделат нивните уникатни гледишта и перспективи, на тој начин помагајќи да се постигнат најдобрите и најсоодветните долгорочни решенија за различните проблеми во општина Боговиње, а особено проблемите на младите луѓе“.

Младите се вклучени и во процесот на создавање на Националната развојна стратегија, сеопфатен документ кој ќе го утврди развојниот пат на државата во следните 20 години.

Марија Савеска

На досега организираните 30 визонерски работилници учествуваа повеќе од 2.000 граѓани меѓу кои и голем број студенти, средношколци, млади претприемачи, претставници на лицата со попреченост. За нивното искуство во овој процес ги прашавме Марија Савевска, лице со церебрална парализа и членка на граѓанската организација „Соѕвездие“ и Андреј Митиќ, студент на Машинскиот факултет при УКИМ.

„Јас како млад човек сакам да го вложам својот потенцијал во мојата држава, наместо да барам начин и услови да  заминам во странство. Во обликувањето на Националната развојна стратегија се вклучени голем број чинители и тоа ми дава надеж дека ќе бидат слушнати нашите предизвици, но и предлози. Потребно е подобро здравство, поефикасни методи и терапии, повеќе слух за лицата со попреченост. Визионерските работилници се чекор, а целта треба сите заедно да ја оствариме“, вели Марија.

Андреј Митиќ

„Младите се чувствуваат недоволно инволвирани во развојот на општествениот живот, па оттука, овие средби се идеална можност тие да се поттикнат. Нашиот факултет учествуваше на неколку Визионерски работилници, предочувајќи предлози и идеи кои понатаму ќе бидат вградени во Националната развојна стратегија. Зелената агенда мора да се наметне како една од приоритетните цели, бидејќи од тоа ќе зависи како ќе изгледа нашата иднина. Неопходно е зголемување на употребата на обновливи извори на енергија кои во многу поголем обем ќе бидат вклучени во централната енергија на државата“, смета Андреј.

Проблемот со недоволната младинска вклученост не е својствен само за Северна Македонија или само за земјите во развој. Глобалните показатели не се бројките кон кои треба да се стремиме. Младите на возраст помеѓу 15 и 25 години сочинуваат една петина од светската популација, но само 1,65 отсто од парламентарците на светско ниво се во своите 20-ти години, а 11,87 отсто во своите 30-ти години. Возрасниот јаз денес е поизразен од кога било претходно, а технологијата и изолацијата за време на КОВИД-19 пандемијата само дополнително ги оддалечија младите од системот.

„Затоа, наместо глобална опсервација, потребна е локална акција. Не само на зборови, туку  суштинска, делотворна. Акција која без предрасуди ќе ја ‘извикува’ пораката: Добредојдовте млади! Повели бунтовност! Напред иновативност!“, посочуваат од УНДП.

Активностите се во рамки на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, спроведуван од УНДП, УНФПА, УНЕСКО и UN Women, а финансиран од United Nations Peacebuilding Fund.

Фото: УНДП