Вклучи-исклучи: ЈСП го укина бесплатниот автобус, од Градот велат до утре е бесплатно

Откако Владата попладнево најави дека од утре престануваат да важат вонредните мерки против аерозагадувањето во Скопје, ЈСП експресно го запре бесплатниот јавен превоз за скопјани, приредувајќи им непријатно искуство на патниците.

„Бесплатен автобуски превоз, се качуваш во автобус, се возиш некои 15 минути, одеднаш возачот застанува на семафор и вика ‘Ми стигна порака, од овој момент натака превозот се наплаќа, куцајте картичките“, го сподели своето искуство од денешното бесплатно возење во автобус Кристина Младеновска.

И на сајтот на ЈСП осамна известување дека моментално, по 16 часот се укинува бесплатниот превоз.

Од Градот Скопје пак се правдаа дека не било пратено известување до ЈСП и дека оттаму стојат на ставот дека возењето е бесплатно до утре. Немаат одговор кој ќе им ги надомести искуцаните возења на патниците кои попладнево околу 16 часот беа затекнати во некој од градските автобуси. Според портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху, известувањето кое е ставено на сајтот на ЈСП, дека денеска по 16 часот патниците ќе плаќаат, не е важечко и треба да биде тргнато.

„Од утре, четврток 11 јануари, се укинува и бесплатниот превоз во автобусите на јавниот градски превоз, кој ќе се наплаќа според постојната тарифа. Вонредните мерки и препораки Градот Скопје ги воведе по добиеното соопштение од Министерството за животна средина и просторно планирање дека праговите на алармирање на ПМ10 (200 µг/м3) во 2 последователни дена на 2 мерни станици, односно на мерните станици во Ректорат и Лисиче.  Овие мерки и препораки ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, а за што граѓаните ќе бидат навреме информирани“, соопштија од Градот.