Маглата се разретчи, од утре нема бесплатен автобус во Скопје

Поради тоа што два последнователни дена, според податоците од ДАМСКВ (Државен автомаски мониторинг систем за квалитет на воздух), среднодневните концентрации на РМ10 честистички се под дефинираниот праг за алармирање, од утре престануваат да важат вонредните мерките против аерозагадувањето во Скопје, соопштија од Владата и Министерството за здравство.

„Согласно податоците од ДАМСКВ (Државен автомаски мониторинг систем за квалитет на воздух) на ден 09.01.2018, среднодневните концентрации на РМ10 честистички се под дефинираниот праг за алармирање (среднодневни концентрации над 200 μg/m3 барем на две мерни места во Скопје и стабилна временска прогноза). Имено, среднодневната концентрација на РМ10 од 200 μg/m3 е надмината само на едно мерно место во Скопје, а со тоа епизодата со надминат праг на алармирање е прекината, што значи дека од утре четврток 11.01.2018 година мерките престануваат да важат“, се наведува во соопштението.

Денеска и Државниот Инспекторат за животна средина изврши вонреден инспекциски надзор во депонијата Дрисла каде било утврдено дека се почитува решението на ДИЖС за неработење на инсинераторот за согорување на медицински отпад во денови кога има надминување на прагот на алармирање.

„Во периодот од 01.01.2018 год. до денот на вонредниот надзор 10.01.2018 год. истиот не е во функција, а примениот медицински отпад се складира во контејнери. Инспекторатот беше информиран дека согласно задолжението од решението се постапува и во тек е набавка на воден скрубер/филтер за постоечкиот инсинератор и истиот ќе биде инсталиран во периодот кој следи“, соопштија од Инспекторатот.

Oд менаџментот добиле информација дека сите дозволи за набавка на нов инсинератор се завршени, а опремата треба да пристигне до средината на април. По кој период во рок од 45 дена би се пристапило кон монтажа, а се очекува пробната работа да отпочне во текот на месец јуни оваа година.