Виктор Орбан ќе одржи референдум за анти ЛГБТИ+ закон во Унгарија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека неговата влада ќе одржи референдум за контроверзниот анти- ЛГБТИ+ закон, пренесува „Евроњуз“.

Веста Орбан ја изнесе преку видео во живо на својот официјален „Фејсбук“ профил.

Законот, кој официјално е именуван како Акт за заштита на децата, е донесен за да се заштити детската добросостојба во борбата против педофилијата.

Но, законот е критикуван бидејќи е дискриминирачки за ЛГБТИ заедницата, па Европската Унија започна законска битка против Унгарија.

Предлог-законот начелно беше усвоен за време на Месецот на Гордоста, во јуни, кога унгарските власти ги отфрлија претставувањата на проблемите со кои се соочуваат геј и транс лицата од наставата, како и нивно претставување во ТВ шоуа кои се наменети за малолетници. Предлог законот исто така ги изедначува педофилите со ЛГБТИ лица.

Ваквиот потег беше критикуван од ЕУ бидејќи е спротивен од членот 21 од Повелбата за фундаменталните права на Европската Унија, според кој „стигматизирањето на ЛГБТИ+ лицата претставува јасно кршење на нивното основно право на достоинство, како што е предвидено со Повелбата на ЕУ и меѓународното право“.

Унгарија презеде бројни мерки за време на единаесетгодишната функција на Орбан. Во државата не е легализиран истополовиот брак, а во 2020 година се забрани истополовите парови да посвојуваат деца. Унгарците исто така не можат легално да го променат полот.