[Видео] Зелена народна стража: Еколошка катастрофа на повидок за најмалку три општини

Реката Дошница и Кожуф Планина – една од најчистите реки, во една од недопрените планини во Македонија, сега се под закана од 2 мали хидроцентрали, реагира иницијативата Зелена народна стража, објавувајќи и свое видео.

Од таму посочуваат дека уште во 2023 година, активисти од Гевгелија, Кавадарци, Демир Капија и цела Македонија, протестираат против изградбата на уништувачките мали хидроцентрали.

„По пауза од две години, хидромафијата повторно ја напаѓа реката и започнува со расчистување на патот, при тоа уништувајќи стара шума над Смрдлива Вода, Кожуф. Жителите на Демир Капија пијат од таа вода. Под потенцијална закана е и водата на Гевгелија, Кавадарци, Неготино и Росоман, бидејќи доаѓа од истата планина“, стои во реакцијата.

Од иницијавата посочуваат дека во реката Дошница живеат повеќе ендемски видови риби, ракчиња и растенија, а тука е и живеалиштето на нашата автохтона македонска пчела (Apis mellifera macedonica).

„Малите хидроцентрали се едно од најголемите зла, бидејќи произведуваат незначително малку струја, а убиваат цел екосистем: реката се зафаќа високо во планината, низ цевка се спушта многу пониско до централата и реката пресушува. Исто така, државата им дава на инвеститорите загарантирана откупна цена на произведената струја за 20 години (ниту еден друг извор на енергија нема загарантирата откупна цена). Понатаму, граѓаните плаќаат дупло: без разлика на реалната моментална цена на струјата, поради загарантираната откупна цена ние плаќаме повисоки сметки за струја, а бидејќи овие хидроцентрали се субвенционирани, ние ги плаќаме субвенциите преку даноците. Воедно, лесно и брзо се даваат кредити под маската на ‘зелена’ и ‘обновлива’ енергија. Пример за еколошка катастрофа и уништена река поради вакви хидроцентрали е Конска река во Гевгелија, а вакви случаи има повеќе“, нагласуваат од иницијативата.

Според Зелена народна стража, за профит на неколкумина, страда цела Македонија.

„Доста е. Застануваме во одбрана на Дошница и Кожуф“, се вели во реакцијата.