[Видео] Заев: Ќе се поништи одлуката за распределба на средства во културата

Премиерот Зоран Заев најави дека ќе се поништи делот од Конкурсот на Министерството за култура кој предизвика незадоволство во јавноста и дека постапките повторно ќе се отворат:

„Одлуката ќе се поништи и таа ќе биде објавена, освен за Националните институции каде што нема реакции, тоа се домовите на културата, каде се направени фер распределби. Но, сите други апликанти, одлуката ќе биде поништена и ќе биде повторно донесена. Законот дава можност во итни, неодложни случаи, можеби во март има некој фестивал, можеби во април, на транспарентен начин. Да не заборавиме, рековме ќе ги слушаме граѓаните. Граѓаните денеска реагираа, имаат аргументи и од Министерството за култура, Комисијата за култура, но имаат и граѓаните. Затоа, уште потранспарентно ќе ги донесат одлуките, самата Комисија за култура, при Министерството за култура која е надлежна за нејзиното одлучување и нема кај да брзаме. Постоиме за граѓаните. На уште потранспарентен начин ќе се донесат одлуките и ќе гледаме да биде задоволството колку што е можно поголемо. И лани имаше реакции и уште од лани знаевме дека и оваа година ќе има реакции. Тешко се погодува работата за секој“, изјавил Заев.

Театарската режисерка Зоја Бузалковска синоќа поднесе оставка од Советот за култура поради резултатите на Годишната програма на Министерството за култура. „Давам оставка во Советот за култура, Ваше советодавно тело, кое практично и не постои, бидејќи Вам не Ви требаат совети, Вие сè си знаете и самиот“, напиша Бузалковска во отвореното писмо упатено до премиерот Зоран Заев.