[Видео] Објавен првиот тизер за „Врба“ на Милчо Манчевски

Тимот зад најновото филмско дело на режисерот Милчо Манчевски го објави првиото тизер видео за филмот „Врба“, кој својата светска премиера ќе ја има на 19 октомври на Филмскиот фестивал во Рим.

„Филмот е за три млади мајки. Едната приказна се случува ви средниот век во Македонија, а другите две приказни се современи. Приказните се надополнуваат, се отсликуваат, а истовремено се и контраст една на друга. Се работи за љубовни приказни, во кои главната тема е лојалност, меѓутоа и односот на општеството кон поединецот, но и на поединецот кон општеството“, рече Манчевски на пресконференцијата со која беше најавена официјалната селекција на Римскиот фестивал.

Снимањето на шестиот долгометражен филм на Манчевски се одвиваше низ различни локации на живописниот прилепски регион и на препознатливи локации низ Скопје.

Во филмот играат: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други.

Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош (Támas Dobos), дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс (David Munns), за костимите се задолжени Жаклина Крстевска и Ѓерѓи Сакач (Györgui Szakács) од Унгарија, асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија, а кастинг директорка е Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а извршен продуцент е Ник Пауел (Nik Powell).