„Врба“ на Манчевски со светска премиера на Филмскиот фестивал во Рим

Филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски ќе биде дел од официјалната програма на Филмскиот фестивал во Рим кој ќе се одржува од 17-ти до 27-ми октомври.

Како што беше соопштено на денешната пресконференција, светската премиера на шестиот долгометражен филм на Манчевски ќе биде на 19-ти октомври.

„Филмот е за три млади мајки. Едната приказна се случува ви средниот век во Македонија, а другите две приказни се современи. Приказните се надополнуваат, се отсликуваат, а истовремено се и контраст една на друга. Се работи за љубовни приказни, во кои главната тема е лојалност, меѓутоа и односот на општеството кон поединецот, но и на поединецот кон општеството“, рече Манчевски.

„Врба“ ќе биде прв македонски филм во официјалната програма на овој реномиран Фестивал, каде оваа година ќе се прикаже заедно со некои од најславните светски филмски имиња. Меѓу нив е и новиот филм на Мартин Скорсезе, „Irishman“, документарецот „Павароти“ на Рон Хауард, како и „Motherless Brooklyn“ на Едварт Нортон, кој ќе го отвори Фестивалот.

„Можеби за пошироката јавност Римскиот фестивал не е толку познат како Кан, Венеција и Берлин, но е фестивал со неверојатно истенчен вкус и многу тешко е да се влезе. Јас, како директор на Агенцијата, имам трема што сме во иста селекција со Мартин Скорсезе. Милчо е еден од „билбордите“ на Македонија низ светот, така што мислам дека овој филм ќе се врти успешно. Она што беше задача на Агенцијата, да биде сервис на продуцентите и режисерите, се трудевме да го направиме во најдобра можна кондиција. Така што очекувам само возбуда и успеси“, рече директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.

Манчевски рече дека филмот многу скоро ќе може да го погледне и македонската публика. Првично најави голема премиера, а потоа филмот ќе се најде и на редовните репертоари на домашните кина.