[Видео] Лажно оружје на надувување стана хит среде војната во Украина

Чешка компанија која произведува лажно оружје на надувување, вклучително и ракетни фрлачи Химарс и тенкови Абрамс, објави дека нејзината продажба е зголемена од почетокот на руската инвазија на Украина, пренесува Данас.

Мамките направени од синтетичка свила се користат за да го измамат непријателот на бојното поле, кој цели кон лажно оружје наместо вистинско.

Директорите на Инфлатек одбија да потврдат дека ги продаваат своите производи на Украина, повикувајќи се на воена тајна. Сепак, признаа дека производството е зголемено во последната година за 100 отсто.

„Продаваме производи на многу влади ширум светот, не само во Европа“, изјави за новинарите шефот за продажба и маркетинг Повен Кумаресан.

Тој додаде дека околу триесет вработени во Инфлатек произведуваат меѓу 30 и 40 такви мамки месечно. Лажни тенкови, оклопни возила и борбени авиони тежат меѓу 25 и 90 килограми и за да се ракува со нив потребни се од две до четири лица.

Доколку има прецизни нацрти на изворното парче воена опрема, компанијата може да создаде нов дизајн за 72 часа, а ако почне „од нула“ производството може да потрае и до две недели, рече Кумаресан, додавајќи дека по нарачкат, за испорака на репликата на ракетниот фрлач Химарс треба 60 дена.

Компанијата Инфлатек досега има произведено десетици лажни Химарси. Производите на оваа компанија се сметаат за воена опрема и нивното производство мора да биде одобрено од владините органи.