Извидници на одредот „Еквинокс“ започнаа донаторска акција со цел да го реновираат извидничкиот дом во Дом на млади, Штип, за кој, како што велат, со години е извидничко безбедно место за учење, дружење и развој, но во моментов има потреба од санација и подобри услови.
„Секоја донација, без разлика колку е голема или мала, ни помага да го завршиме започнатото. Не обновуваме само ѕидови – градиме место каде младите ќе растат, ќе учат и ќе сонуваат заедно“, нагласуваат од „Еквинокс“.
„Десет неуморни денови. Под најжешкото сонце, со полни срца и волја посилна од бетон – го обновивме кровот на нашиот извиднички дом. Ова не е само кров. Ова е симбол – на нашата посветеност за подобро утре, на нашата обврска кон себе и кон другите“, дополнуваат оттаму.
Сега, посочуваат од извидничкиот одред, следува и под, прозори, врати, струја, вода, кујна, тоалет – сè што ќе го направи просторот жив и функционален.
„Затоа сте ни потребни вие! Потребно ни е да собереме 15.000 евра за да успееме да постигнеме функционалност на објектот со цел децата и младите извидници да имаат место каде ќе творат, ќе се надоградуваат и ќе градат карактери кои ќе имаат конструктивна улога во општеството! Со љубов, од сите извидници на ИО Еквинокс – Штип! Со извиднички поздрав – ЗДРАВО!“, стои во фандрејзерот на „Еквинокс“.
Донаторската акција се реализира преку: https://whydonate.com/fundraising/help-us-rebuild-our-scout-home
Бојан Шашевски



