[Видео] Граѓаните не прифаќаат еднопартиски систем, катапулт со боја и за Владата

Импровизираниот катапулт на демонстрантите од неформалното движење „Протестирам“ исфрли балони со боја и кон Владата, каде заврши вечерашниот прoтест. Тие порачаа дека нема да прифатат еднопартиски избори, со оглед на фактот што за изборите закажани на 5 јуни, ВМРО ДПМНЕ е единствената партија за која што може да се гласа.

Претходно, се пуштаа дел од опозициските „бомби“, по што следуваа говори. Свои обраќања имаа поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Ратка Димитрова, членот на Партијата за демократски просперитет во Македонија Исмет Рамадани, студентот Љуми Бекири и потпретседател на СДСМ Дамјан Манчевски.

„Јас се борам против ова едноумие“, подвлечи Димитрова. Говорниците се согласија во тоа дека народот се крена на нозе, обединет во духот на слободата и правдата со цел да се казни оваа власта и да побараат одговорност.

Илјадниците граѓани повторно се собраа пред просториите на Специјалното јавно обвинителство од каде со пораката „Молкот еднаков на смрт“ се упатија кон Собрание, па преку Триумфалната порта стигнаа до Влада. Овие објекти и денеска добија нова тура на боја.

[ВИДЕО] ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА: АКТИВИРАН ГОЛЕМИОТ РАЧЕН КАТАПУЛТ КОН СОБРАНИЕ, БОЈА И ВРЗ ТРИУМФАЛНА

Дел од присутните, со своите транспаренти дадоа поддршка на Светскиот ден против хомофобијата IDAHO 2016.

Основните барања на демонстрантите се: одложување на изборите се додека не се создадат услови за фер и демократски избори, во меѓувреме формирање преодна влада која ќе ги спроведе реформите на Прибе, поништување на аболицијата потпишана од претседателот Ѓорге Иванов и негова оставка, уставно признавање на СЈО, како и вклучување на граѓаните во преговорите за излез од кризата.

Освен во Скопје, денеска се протестираше и во Кочани, Чешиново-Облешево со блокади, во Охрид, Струмица, Битола, Прилеп и за првпат во Неготино.