[Видео + фото] Борбата на палестинскиот народ е борба и против капитализмот, порачаа граѓаните на денешниот протестен марш

Денеска, од пред скулптурата „Симфонија на мирот“ па се до Владата на Република Македонија се одржа протестен марш за солидарност со народот на Палестина и Либан.

Граѓаните кои беа излезени на протестниот марш од македонските власти побараа да се приклучат кон меѓународните заедници кои се залагаат за ставање крај на насилството и нападите во Палестина но и да ја признаат палестинската држава.

Од иницијативата „Сите за Палестина” велат дека датумот и местото на кое што започна маршот неслучајно биле избрани.

„Скулптурата ‘Симфонија на мирот’ е посветена на холокаустот од Втората светска војна. Целта ни е да нагласиме дека холокаустот не смее да се повтори. Без разлика на кој јазик плачат децата чии родители се убиени и на кој јазик ги оплакуваат родителите своите убиени деца. Протестот, неслучајно, е закажан ден после 29 Ноември, Денот на Републиката на нашата поранешна заедничка татковина. Југославија, како што треба, била голем поддржувач на борбата против колонијализмот и во таа насока ја признавала Палестина. Денес, од државите наследнички на Југославија, само три имаат отстапено од оваа позиција и не ја признаваат Палестина: Македонија, Косово и Хрватска“, велат оттаму.

Елена Ристевска Лутовска, една од говорниците на маршот во своето обраќање рече дека борбата на Палестинците е поврзана и со борбата против капитализмот кој според неа ги уништува сите народи.

„Во солидарност со палестинската борба  значи директно да му се пркоси на капитализмот кој што се храни од овој геноцид. Затоа секој еден човек на кого човечкото достоинство му е поважно пред профитот, на секој на кого му е доста од империјалните контроли треба не само да застане со овие народи во солидарност туку треба и да се запраша што прави во овие моменти од историјата. САД и западниот империјализам кој го поддржуваат геноцидот и нас не држат во покорност, даваат многу големи суми на пари согласно нивните фамозни НАТО стандарди додека ние се гушиме од загаден воздух, здравството се распаѓа, образованието се распаѓа, се гушиме во банкарски долгови, ете затоа ова е и наша борба“, порача Елена.

На протестниот марш беше присутен и Асен Муса, студент од Палестина кој во моментов е на Еразмус + размена на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Тој за Радио МОФ раскажа дека е втора година на мастер студии и од Истанбул дошол во Македонија.

„Јас сум тука три месеци и можам да видам голема разлика во начинот на живот тука и во Западниот Брег во Палестина. Таму е многу тешко да се живее. Нема слобода. Тука нема никакви ограничувања и ги има сите основни човечки права“, сподели Асен и додаде дека ситуацијата таму е многу тешка и не знае дали ќе може да се врати.

Инаку, Израелската офанзива врз Појасот Газа започна по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Во нападите досега се убиени повеќе од 44.000 луѓе.

Минатата недела, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Фото, видео и текст

Симона Паскоска