[Видео + фото] Активисти поставија канта за отпадоци што зборува и опоменува каде да фрлате ѓубре

Градот е покриен со ѓубре, Скопје и Македонија се натрупани со отпадоци. Поаѓајќи од овој факт, активисти од Центарот за современи уметности решија да направат интерактивна канта за смет која зборува со минувачите и ги опоменува да не фрлаат ѓубре наоколу.

„Се надеваме дека опоменувајќи ги граѓаните но и надлежните на ваков креативен и по малку хумористичен начин ќе успееме барем малку да влијаеме на подигнувањето на свеста за комуналната хигиена и да придонесеме кон почист град“, велат активистите.

Кантата е направена од рециклирани материјали – стара цевка за канализација, а во неа е сместена електроника со сензори кои го детектираат движењето и опоменуваат да не се фрла ѓубре наоколу. А, кога некој ќе фрли ѓубре кантата се заблагодарува и ја раскажува својата приказна за отпадот во градот.

„Во својата беседа кантата нуди можност на граѓаните да поразговараат со неа и да ги слушнат причините зошто е валкан градот, но и да ги слушнат проблемите со кои се соочуваат мнозинство канти за ѓубре“, посочуваат активистите.

Тие дополнуваат дека во наредниот период кантата ќе биде поставена пред дизајн студиото на „Кинг оф принт“ во близина на кафе „Круг“ и кај Мобилната монтажна галерија во Паркот на Франкофонијата, а од наредната недела граѓаните ќе можат да се сретнат и да поразговараат со кантата на различни локации.

Кантата е дело на групата Урбани уметнички акции која делува во склоп на Центарот за современи уметности.

Фото: Центар за современи уметности