[Видео] Фолтин од автономна зона: Останете цврсти, будни и бунтовни

Со огромен аплауз заврши хуманитарниот концерт на македонската група Фолтин во аулата на Филозофски/Филолошкиот факултет. Нивниот настап го организираше Студентскиот пленум со цел да се соберат донации за операција на срце што и е потребна на Теона, сестрата на малата Тамара од Велес која почина, чекајќи го решението од Фондот за здравство за да замине на операција во Турција.

„Ние овде дојдовме да ви дадеме поддршка, но во суштина поважно е што вие нам на народот ни давате поддршка и голема визија за една подобра иднина. Останете цврсти, останете будни, бунтовни оти се друго освен вас е гнило и јалово“, рече пред студентите фронтменот на групата, Бранислав Николов.

Од Пленумот велат дека идејата е да ја искористат нивната актуелност со цел да ја подигнат свеста кај граѓаните и да бидат хумани.

„Културно образовната секција на пленумот дозна дека е потребна помош за девојчето и едноставно сфативме дека можеме да помогнеме со оглед на целава ситуација во којашто сме актуелни во општествово во моментот, посебно по оваа голема победа од завчера. Сфативме дека можеме да ја искористиме ситуацијата да се собере народ, а со тоа да се соберат пари и да ги донираме“, изјави Нина Тунтева од Студентски пленум.

Студентите кои по две недели окупација денеска се вратија на формалните предавања , сепак продолжија со алтернативната настава и најавија дека автономната зона ќе продолжи да постои.

„Наставата тече нормално на Филозофскиот факултет. Од Филолошкиот факултет известија дека сосема неповрзано со нас, наставата ќе продолжи во понеделник поради некакви други причини. Во однос на останатите факултети каде што имаше бојкот на настава или окупација со спиење, таму се одвива непречено“, додаде Тунтева.

Окупацијата на факултетите прекина откако завчера, на втората официјална средба со претставници од Ректоратот и Министерството за образование и наука, беше договорено да се формираат работни групи кои ќе изготвуваат нов Закон за високо образование со целосна вклученост на професорите и студентите. Покрај концертите во автономната зона студентите најавуваат дека ќе продолжат трибините, дискусиите и алтернативните предавањата како што беше и денешното на тема „Женското лице на револуцијата“ со Ирена Цветковиќ, Марина Трајковска и Ана Василева. Присутните на оваа дискусија се согласија дека професорите и студентите предизвикаа нови културни промени, но потсетија и дека останува потребата пленумот да ја задржи својата хоризонтална форма и да продолжи да дејствува.

„Студентскиот пленум (треба) да се прошири во сите општествени пори, а не да се претопи во некоја бирократизирана форма каде што ќе се знае кој е шеф на одделение, кој е потчинет на кому, а всушност никој ништо не работи“, подвлече Василева.

Пленумци пак вчера порачаа дека поучени од претходни искуства и свесни за политичките околности, нема да дозволат да бидат манипулирани.

„Заборавете дека политиките за високо образование ќе се носат без нас. Ние ќе следиме будно. Одбиваме да бидеме изманипулирани. Не сакаме одолговлекувања. Не сакаме лажни ветувања. Не се плашиме повторно да излеземе на улиците“, одлучни се Пленумци.

Во продолжение погледнете дел од вечерашната атмосфера во автономна зона.

Е.П.