[Обновено] „Оставка“, „Убијци“ – граѓаните бараат одговорност за смртта на малата Тамара

Под мотото „Црвен картон за министерот Тодоров“, од пред Фондот за здравство денеска започна маршот со кој граѓаните бараат оставка од одговорните за смртта на малата Тамара Димовска од Велес која почина, чекајќи го решението од Фондот за здравство за да замине на операција во Турција.

Насобраните граѓани со црвени картони во рацете извикуваа „Оди си“, „Оставка“, „Убијци“, револтирани од односот на надлежните кон случаите како тој за малата Тамара.

Додека траеше маршот, директорката на Фондот за здравстевно осигурување, Маја Парнаџиева Змејкова соопшти дека си поднесува оставка.

„Јас сум човек кој е воспитан приватно и професионално да помага секому, и истовремено сум емотивна личност, а не некаков ладен бирократ. И сите овие напади лично ме погодија. Денес објавувам дека од човечки причини се повлекувам од функцијата директор на Фондот. Чекав да се добијат резултатите од судска медицина, за да се констатира причината за смртта и да се види вистината за овој случај, кој заради се што се случи и пеколот низ кој поминавме но и напорите кои ги направивме, а дел од јавноста не ги вреднуваше, сепак целиот мој живот ќе го носам со себе и покрај тоа што сум свесна дека , се што можевме, се сторивме“, изјави Парнаџиева Змејкова.

Еден час по оставката на Парнаџиева и вториот директор на Фондот, Џемали Мехази поднесе оставка.

протест

Мирниот протест од Фондот за здравство, се движеше по улицата Македонија, во центарот на Скопје и заврши пред Министерството за здравство. Пред министерството се одржа едноминутен молк за малата Тамара, по што се обрати нејзината мајка Жаклина Димовска која рече дека не смее никогаш да се повтори она што се случи со Тамара.

„Имав две болни деца, едното дете ми го земавте, а другото се уште чека ваш потпис за да се лечи“, рече Димовска. Таа рече дека се срамни изјавите на одредени лица дека девојчето починало од родителска негрижа и дека вината за смртта на Тамара треба да се бара во системот и институциите.

Освен оставки од директорите на Фондот за здравствено осигурување, граѓаните денеска побараа оставка од министерот за здравство Никола Тодоров и се бара кривична одговорност од членовите на Управниот одбор, како и одговорните лица и членови на првостепената и второстепената комисија на Фондот.

Институтот за судска медицина го доставил извештајот од извршената обдукција на телото на починатата Тамара, во кој се наведува дека причината за смртта е бронхопневмонија, пренесе Телма. Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе испитува дали Тамара воопшто била лекувана од оваа сериозна дијагноза.