[Видео] Дуалното образование за средношколци подучува на дисциплина и вештини за работа

Марко Бојаровски е 19-годишно момче од Скопје кој работи како техничар во Институтот за истражување и развој на „Алкалоид“. Тој уште од мал имал желба да влезе во светот на медицината и фармацијата, а со пракса во „Алкалоид“ започнал додека учел во скопското средно училиште „Панче Караѓозов“.

„Кога почнав да доаѓам тука, како надоградување би го сметал тоа дека поголем акцент се стави на дисциплината. И, малце разлика да видиш како е навистина да си во работен однос, бидејќи ние доаѓавме на пракса, додека се работи. И, можевме таму да сме во вистинско време и да го видиме тоа навистина тоа што го учиме теоретски, како би изгледало практично“, вели тој.

Од „Алкалоид“ посочуваат дека досега на практична настава имаат поминато преку 70 ученици, додека од првата генерација која броела 22 ученика, 16 успеале да се вработат веднаш по матурирањето.

„Менторите менторираат по специјално креирана наставна програма, која се вика ‘Фармацевстски техничар во фармацевтска индустрија’. Таа е наменета, изработена специјално за потребите на фармацевтската индустрија, верифицирана ни е од Министерството за образование и наука, и ни е единствена од ваков вид во нашата држава. Колку што сме запознаени и пошироко во регионот“, објаснува Јана Величковска, постар специјалист за тренинг едукација и координатор за програми за млади таленти во „Алкалоид“

Од средното „Панче Караѓозов“ пак, истакнуваат дека парцијалните дуални паралелки нудат голем бенефит за младите, бидејќи по завршување на задолжителното образование, тие се подготвени да се вклучат во индустријата односно во пазарот на трудот.

Бојан Шашевски, Петар Мукоски и Ангела Бошкоска