Петките не се мерка за способностите на ученикот, при упис во средно треба да се види што сака и за што го бива

Системот на оценување на учениците, вклучително и уписната политика во средно образование, кај нас не се променети со децении. Во нашиот образовен систем оценката е единствен начин и квантитативна мерка на способностите на ученикот, па многу генерации поминуваат низ системот само заради оценка, а не за знаење. За да се запише во „добро“ училиште, ученикот треба да биде што посолиден, односно да има што повисок просек остварен во основното образование.

При упис, главно оценките се оние кои пресудуваат – дали ученикот ќе се најде меѓу примените кандидати, или пак, ќе се најде под црвената линија на одбиени. Притоа, никој не гледа дали ученикот го бива за тоа за што аплицира, никој не ги зема предвид неговите вештини и афинитети, односно не се зема предвид што тој сака или за што е надарен.

Зошто треба да се менува уписната политика и зошто треба да престане праксата, петките да се единствен критериум за упис во средно училиште? На оваа тема, Мета.мк побара ставови од неколкумина експерти од областа на образованието.

Просекот не покажува во што е најдобар ученикот

Професорот Кирил Барбареев од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ работеше на новата Концепција за основно образование. Тој вели дека токму новата концепција поаѓа од стандарди, односно ги следи стандардите за оценување, во форма на знаења и вештини (што ученикот знае и/или умее) и ставови/вредности (што ученикот разбира и прифаќа).

„Училиштето треба да биде насочено кон тоа учениците да знаат да решаваат проблеми, да имаат критичко мислење, да донесуваат одлуки, да имаат ставови. Тоа е целта, а не петките кои сега се главен критериум за упис во средно училиште или на факултет. Учениците имаат вештини и афинитети од многу содржини и од формалното и од неформалното образование, па затоа политиката сегашна мора да се промени. Таа не е инспирација за учениците“, смета Барбареев.

Тој потсетува дека ние имаме имаме оценување во кое најголемиот дел ученици се одлични, а во реалноста се функционално неписмени и тоа го потврдуваат многу анализи и домашни и меѓународни.

„Учениците немаат вештини за да можат да разберат и тоа после да го кажат или направат. Кај нас доминира оценување според принципот колку некој знае успешно да раскаже, од учениците се бара да прераскажат нешто, да меморираат нешто, но меѓународните испитувања бараат прво да прочиташ, па да размислиш и потоа да кажеш. Потребни се промени и од тоа не треба да се плашиме. Премногу се критикува, а не се менува. Сите треба да бидеме свесни, и наставниците и учениците и родителите за влијанието што можат да го имаат оценките и насоките врз самодовербата и ентузијазмот на децата. Тоа е смислата на оценувањето. Оценување кое поттикнува учење и мотивација, што истакнува напредок наместо неуспех. Прашањето за просекот на учениците, тоа исто така треба да се менува. Што покажува просекот на еден ученик? Тој не покажува во што е најдобар ученикот“, појаснува професорот.

Според него, потребно е ново училиште кое ќе создава социјална и емоционална средина преку која секој ученик ќе си ги реализира своите потенцијали и соништа, нешто што кај нас предолго не се прави.

„Учениците најдобро учат кога точно знаат што се очекува од нив, да знаат и да прават“, додава тој.

Мачен тренд на глорификација на петката

Професорката Елизабета Секирарска повеќе од три децении работи како професорка во средното економско уччилиште „Перо Наков“ во Куманово. Таа сподели искуство со девојче кое учело економија заради желбата на своите родители, а не затоа што таа тоа го сака.

„Тоа девојче го доживеав токму како дете кое е тука само затоа што родителите така решиле и не прифатиле дека економијата не е онаа област во која таа се гледа себеси. Многу умна, но со дефиниран став кон она што ѝ се пласира во училницата само до базичното ниво – колку за преодна оценка. Но затоа, нејзините тетратки беа полни со прекрасни цртежи, затоа што таа беше токму тоа: уметник заталкан во светот во кој не се најде себеси и кој не ѝ обезбеди признавање на таа посебна дарба, афинитет и личен печат кој засекогаш остана професионално недостапен за неа“, вели Секирарска.

Според неа, матрицата на подарување оценки како нормалност станала подразбирлива. Таа смета дека би било учителски чесно да се каже дека сите слабости кои од различни причини ги овозможуваме многу долго време, на крај се манифестираат и низ овој аспект, кој за резултат има само борба за петки како конечен критериум за влез.

„Со самото тоа, предизвикува и логично прашање: Како да се изгради систем на вреднување во кој петката ќе биде третирана како успех, но и надополнета со механизам за проверка колку навистина тежи при влезот во средно училиште, а се вика приемен испит“, вели Секирарска.

Овој двоец би бил добар филтер, според неа, и би бил во интерес на градбениот материјал вложен во детето, кој ќе го подготви за живот во кој се напредува само и само по заслуга.

„Во овој контекст, за тежината на петките доволно зборува отпорот на родителите кога ќе се постави прашањето за воведување на приемен испит за влез во средно училиште. Тогаш испливува на површина нивниот оправдан страв и свесноста дека децата ќе потфрлат и истите ги камуфлираат со атак во формат на “за џабе ли учеле до сега, па сега ќе им го проверувате знаењето?” Дури и за оние области каде знаењето е исклучив импаратив – средните училишта од областа на медицината“, додава Секирарска.

Колку и да била оценката издржана и колку во основа носи со себе и знаење и негувана работна навика, многу бргу се гледа уште во првото полугодие во средното училиште.

„Многу често, петките кои за детето биле силен влезен критериум, паѓаат и се трансформираат во далеку послаби оценки, колку и да сакаме, (а сакаме) тој тренд да го оправдаме со потребата за прилагодување на новата средина и на новите наставници. Реално речено, детето кое учело, учи и понатаму и зад неговиот труд стои бројка која го дефинира како дете кое знае каде се наоѓа и што тој простор од него очекува“, вели професорката.

Да се согледа вистинската насока на она што детето го поседува

Многу е потребен систем на согледување и поттикнување во вистинската насока на она што детето го поседува вон квантумот на знаење, а се надоврзува на него – неговите вештини, способности и афинитети како сфери во кои тоа се пронаоѓа себеси по излегувањето од основното образование, додава професорката.

„Сметам дека неостварените лични сништа, мечти и амбиции на родителите за тоа каде треба да биде нивното дете, не треба да бидат водилка која ќе го насочува детето во конкретно средно училиште, струка или образовен профил. Детето треба да има личен интегритет и подготвеност да се изјасни самото за себе, секако со почит кон советите, поддршката и помошта на родителите и не по цена која животот понатаму секако ќе му ја наплати, ако не се најде себеси во новата средношколска средина. На двата посочени аспекти – петките како влезен критериум и несогледувањето на афинитетите на децата, би го додала и механизмот за помош на детето да се себенајде на патот кон животот стартувајќи со средно училиште: професионалната ориентација“, додава Секирарска.

Професионална ориентација, во закон ја има, во пракса – не

Професионалната ориентација, како поим беше внесена во Законот за основно образование во времето кога министерка беше Рената Десковска. Искуството покажува дека само декларативно како земја се залагаме за ова, а во пракса, учениците не се следат.

„Училиштето им помага на родителите, односно старателите и на учениците при изборот на средното училиште, согласно со особеностите, способностите и афинитетите на учениците. Заради следење на индивидуалните афинитети на учениците и давање помош на учениците и нивните родители, односно старатели во избор на средното училиште, психологот односно педагогот во училиштето користи алатки за утврдување на способностите, интересите и можностите на учениците и реализира програма за професионална ориентација за ученици од осмо и деветто одделение, која на предлог на Бирото, ја утврдува министерот“, пишува во член 47 од Законот.

Според професорката Секирарска, основното училиште кое детето го завршува е влезот кон изборот на училиштето и идното занимање, а со самото тоа има силно влијание бидејќи во тој процес би требало да се вклучени предметните наставници, одделенските раководители, тимовите за професионална ориентација и педагошко-психолошката служба.

„И покрај апелите и дефинираната потреба од посериозно ангажирање околу основците, на кои им треба помош околу изборот на иднината, сведочиме само на декларативните заложби за препознавање и почитување на индивидуалноста, личниот профил, автономијата и слободата на секое дете. Детето уште во основното училиште треба да се доживува како единствено и неповторливо суштество кое се разликува од останатите, а наставниците го почитуваат како такво помагајќи му понатаму да се развива со темпо кое му одговара. За жал, овој процес на индивидуално насочување на детето кон изборот на идната професија никако да заживее како сериозен зафат, кој ќе излезе од убаво дефинираните формати на хартија кои секако постојат и ќе влезе во формати на работа со основците кои навистина ќе им помогнат при изборот на она со кое ќе се занимаваат во животот“, вели таа.

Чаре – приемен испит и практичен дел од струката

При уписот во средно училиште, нема начин да се види дали петките се реални односно дали учениците биле реално оценети, смета Дарко Спасев, директор на стручното училиште „Марија Кири Склодовска“.

„Ова е така посебно со оглед на фактот дека во ковид периодот, учениците учеа онлајн, од дома. Затоа, за да се утврди дали нив ги бива за струката за која аплицираат е да се воведат приемни испити како и да има практичен дел од струката, за да се види дали ги бива за тоа за што се пријавуваат. Ова е важно да постои, за да можат на крајот од стручното образование да излезат готови кадри, подготвени да бидат веднаш вработени. Оценката од основно не е мерило за нивното претходно знаење, некогаш петка е лесно да се добие, а за двојка ученикот мора да го научи убаво целиот материјал“, смета Спасев.

Извор: Мета.мк