ВИ веројатно ќе стави крај на традиционалната училница, смета британски технолошки експерт

Последните пробиви на полето на вештачката интелигенција (ВИ) веројатно ќе стават крај на традиционалната школска училцица, предвидува професорот Стјуарт Расел, британски компјутерски научник кој предава на Универзитетот на Калифорнија, Беркли.

Според него, личните тутори во стил на „ChatGPT“ имаат можност да го збогатат образованието и да го прошират глобалниот пристап до образование преку обезбедување лично туторство во секое домаќинство преку смартфон. Тој вели дека преку оваа технологија изводливо е да се пренесе најголемиот дел од наставата низ текот на школската година.

„Образованието ќе има најголеми придобивки кои може да ги очекуваме во следните неколку години. Веројатно ќе биде можно за неколку години, можеби до крајов на деценијава, да се испорачува прилично висок квалитет на образование до секое дете во светот. Тоа е потенцијално трансформативно“, вели Расел за Гардијан пред неговиот говор на Глобалниот самит на Обединетите нации „ВИ за правење добро“ во Женева.

Сепак тој предупредува дека поставувањето на оваа моќна технологија во образовниот сектор истовремено носи ризик, како на пример потенцијалот за индоктринација.

Расел цитира докази од повеќе студии кои покажале дека користењето на луѓе како тутори за индивидуално учење може да биде трипати поефикасно од традиционалните часови во училница, овозможувајќи им на учениците да добијат специфична поддршка и да ја развијат нивната љубопитност.

„Оксфорд и Кембриџ не користат традиционална училница, туку користат тутори со претпоставка дека така е поефективно. Но, ова е неодржливо да се прави со секое дете во светот. Нема толку возрасни луѓе кои би го правеле тоа“, објаснува тој.

Компанијата „ОпенАИ“ веќе започна да истражува образовни апликации на нивната технологија, па во март објавија соработка со образовната непрофитна организација „Кан Академија“ со која ќе пилотираат виртуелен тутор базиран на четвртата верзија на „ChatGPT“.

Расел објаснува дека ова може да предизвика оправдани стравувања меѓу наставниците и наставничките синдикати дека со ова ќе бидат вработени помалку наставници, па дури и целосно да се изгуби потребата од нивната работа. Сепак, тој вели дека човечка вмешаност и понатаму ќе биде важна, но предвидува дека таа може драстично да се разликува од традиционалната улога на наставникот. Според него новата улога на наставникот може да биде повеќе насочена кон одговорности кои ќе вклучуваат покомплексни колективни активности и ќе обезбедуваат граѓанско и етичко образование.

Немаме направено експерименти, па не знаеме дали ВИ систем ќе биде доволен за дете. Тука има и мотивација, учење на соработка… не станува збор само „Дали можам да собирам броеви?“. Ќе биде клучно да се обезбеди и зачувување и подобрување на социјалните аспекти од детството.

Професорот посочува и дека технологијата ќе мора внимателно да се тестира за сите можни ризици.

„Надежите се дека системот, доколку е соодветно дизајниран, нема да ги учи децата како да направат биолошко оружје. Мислам дека тоа е изводливо“, објаснува Расел.

Според него поголема загриженост е можноста од упади во софтверот од авторитарни режими или други страни.

„Сигурен сум дека кинеската влада се надева дека технологијата е поефективна во всадувањето на лојалност кон државата. Претпоставувам дека може да се очекува оваа технологија да биде поефективна отколку книга или наставник“, појаснува.

Расел изминатава година ја помина во подигање на јавната свест за опасностите од ВИ. Беше потписник на отвореното писмо во март, кое го потпишаа и Илон Маск и други експерти од областа, со кое се бара пауза на „неконтролираната трка“ во развивање на се` помоќни дигитални умови.