Вештачката интелигенција претставува закана слична на нуклеарна војна или пандемија, предупредуваат технолошките лидери

Научниците и лидерите во технолошката индустрија испратија ново предупредување за егзистенцијалната закана која вештачката интелигенција (ВИ) врз човештвото.

Меѓу стотиците експерти кои алармираат за проблемот се и Сем Алтман, директорот на „OpenAI“, како и Џефри Хинтон, кој често се нарекува „кумот на ВИ“.

„Избегнувањето на ризикот од истребување од ВИ треба да биде глобален приоритет, исто како и другите општествени ризици – пандемиите и нуклеарните војни“, се наведува во заедничкото отворено писмо, објавено на вебсајтот на Центарот за ВИ безбедност.

Овој став е потпишан од десетици угледни професори низ целиот свет, ВИ научници, а меѓу нив се и директорите на „DeepMind“ и на „Anthropic“, Демис Хасабис и Дарио Амодеи.

Загриженоста дека ВИ системите можат да ги надмудрат луѓето и да почнат да се однесуваат неконтролирано се засилија со растот на новите генерации на високо-софистицирани чет-ботови како „ChatGPT“.

Претходно оваа година повеќе од 1.000 научници и технолози, меѓу кои и Илон Маск, потпишаа писмо во кое бараат шестмесечна пауза на развојот на ВИ системите, тврдејќи дека тоа претставува „опасен ризик за општеството и човештвото“.

Главните проблеми на кои се алармира е дека ВИ можат драматично да го засилат ширењето на онлајн дезинформации, можноста да заменат голем дел од професиите на луѓето и прашањето дали некој ќе може да стопира владите да користат ВИ технологија за да доминираат со нивните соседни земји или со нивните сопствени граѓани.