Вежбање повеќе од препорачаното води кон подолг живот, покажува студија

Нова студија покажува дека вежбање на неделно ниво дури и повеќе од тоа што се препорачува води кон подолг живот.

Според Светската здравствена организација (СЗО), за возрасните луѓе се препорачува умерена физичка активност од 150 до 300 минути, односно 75 до 150 минути енергична физичка активност на неделно ниво. Сепак, според заклучоците на студијата, оние кои вежбаат подолго време од ова ќе живеат подолго.

Истражувачите во студијата анализирале повеќе од 116.000 возрасни луѓе. Секој од нив, во текот на 30 години, неколку пати пополнил прашалник во врска со активностите што ги врши во слободно време, а потоа истражувачите направиле проценка на врската меѓу времето поминато во вежбање и интензитетот на вежбите со стапката на смртност.

Највисокото намалување на рана смрт било забележано кај луѓето што пријавиле дека прават интензивни вежби од 150 до 300 минути неделно или кај оние кои вежбаат умерено од 300 до 600 минути неделно. А намалување на рана смрт било забележано и кај оние кои пријавувале комбинација од двете.

„Важно е да споменеме дека не откривме штетна поврзаност кај поединците кои одговориле дека вежбаат повеќе од она што се препорачува“, изјавил авторот на студијата, Донг Хун Ли.

Примери за умерена физичка активност се брзо одење, косење трева или играње тенис во двојки, додека енергична активност подразбира планинарење, џогирање или играње фудбал.

Според Хун Ли, резултатите од студијата ги поддржуваат тековните упатства од СЗО, но исто така се залагаат да ги подигнат на повисоко ниво, за да се увиди големиот бенефит од живеењето подолг живот.