Вестминстер: Колку млади кандидати за пратеници се наоѓаат на изборните листи?

Колку млади кандидати за пратеници се наоѓаат на листите на парламентарните избори 2020 во Северна Македонија? Политичката партија со највисок број на млади кандидати има 35% од својата листа на кандидати сочинета од млади, додека политичката партија со најнизок број има 1,7%. Три политички партии имаат 30 или повеќе кандидати кои со 29 години или помлади.

Оваа информација е дел од истражувањето на Вестминстер фондација за демократија за позицијата на младите во парламентарните избори 2020.

„На визуелизацијата може да видите повеќе детали за младите кандидати на листите на политичките партии и коалиции. Бројот на млади кандидати е претставен до бројот на вкупни кандидати кои партиите ги имаат, односно изборните единици за кои се поднесени листи (6 изборни единици / 120 кандидати, 5 изборни единици / 100 кандидати, итн)“, соопштија од Вестминстер.

Од таму потенцираат дека, иако младите луѓе сочинуваат една четвртина од населението и се клучна алка за одржливоста на општеството, тие се најчесто диспропорционално вклучени во политичките тела кои ги претставуваат интересите на граѓаните

Вестминстер ги анализираше и просечните возрасти на кандидатите за 6-те изборни единици.

Утврдија дека најголемата разлика меѓу изборните единици е околу 4 години. Изборната единица со најмлади кандидати во просек е ИЕ 6 со 40,6 години, додека највисока просечна возраст има во ИЕ1 со 44,7 години.

„Она што е забележливо во секоја изборна единица, е што кандидатите на првите 5 позиции на политичките партии се постари од одтанатите. Ова е најистакнато во ИЕ 5, каде разликата во возраста од првите 5 кандидати до останатите е 4,3 години.Додека ИЕ 6 го зема првото место за најмлади кандидати во просек, изборната единица со најмлади први 5 кандидати e ИЕ 2 со 43.4 години.

Овие податоци се дел од поопсежно истражување на Вестминстер за позицијата на младите во изборниот процес преку кандидатските листи и програмите на политичките партии, кое ќе биде објавено во следните месеци.