Вестминстер: Каде се позиционирани младите на изборите

„Можете ли да претпоставите која е возраста на кандидатите за пратеници на претстојните парламентарни избори во Северна Македонија? Партијата со најмлади кандидати има просек од 32,3 години, додека најстарата има 53,15 години“.

Оваа информација е дел од истражувањето на Вестминстер фондација за демократија за позицијата на младите во парламентарните избори 2020.

Според истражувачите, она што паѓа во очи е што кога ќе се спореди просечната возраст на сите кандидати со онаа на првите 5 кандидати, возраста расте.

„Во просек, кандидатите на првите 5 позиции се 2,6 години постари од остатокот од кандидатите. Дури и кога младите се претставени на листите, првите позиции со највисока веројатност да добијат пратеничко место, се помалку достапни за нив. Ова е случај кај 13 од 15 партии, додека кај 2 политички партии првите кандидати се помлади од просекот на целата листа“, велат од Вестминстер.

Исто така, објавија и графикон каде е покажано дека просечната возраст на сите кандидати е 42,54 години, додека 3 политички партии го делат местото за најмлад/a кандидат/ка со 18 години. Жените се малку помлади со просек од 41 години, наспроти мажите со 43,7 години.

Од Вестминстер објаснуваат дека целта на анализата е да ја потенцираат улогата на младите во изборниот процес и да поттикнат дискусија за учеството на младите во политиката и како политички кандидати.

Истражувањето опфаќа анализа на поднесените избирачки листи од партиите и коалициите, и анализа на програмите. Целото истражување ќе биде објавено во следните месеци.