Вештачката интелигенција може да помогне да се предвиди како пациентите реагираат на антидепресивниот третман

Вештачката интелигенција (ВИ) може да им помогне на психијатрите да предвидат дали антидепресивите ќе бидат ефективни, со цел да заштедат време и да ја подобрат состојбата на пациентите, според нова студија на истражувачите од Медицинскиот центар на Универзитетот во Амстердам и Медицинскиот центар на Универзитетот Радбоуд, пишува Евроњуз.

Студијата опфатила 229 пациенти на возраст меѓу 18 и 65 години и нејзиниот фокус бил на лекот сертралин, попознат уште под брендот „Золофт“, една од најпрепишуваните таблети за депресија.

Мартен Поаро кој е еден од авторите на студијата вели дека за половина од пациентите лекот функционира, а за половина од нив не. Дополнително, тој додава дека третманот одзема многу време.

„Откривме дека интеграцијата на сите овие податоци може да помогне во создавање клинички вреден модел за предвидување на исходот од користење на лекот за осум недели“, изјави Поаро.

Моделот кој го развиле истражувачите, според нив, успева да предвиди дали третманот ќе функционира за само една недела.

„Студијата е многу информативна и придонесува за критичната потреба да се развијат прецизни методи на машинско учење кои можат да ги предводат одлуките за третман. Ова е особено потребно кај пациентите со ментални болести“, изјави професорот на Универзитетот Харвард Сороуш Сагафијан.

Според Светската здравствена организација (СЗО), депресивното растројство погодува околу 6% од популацијата на ЕУ и е една од водечките причини за инвалидитет ширум светот.