Венко Андоновски со „Папокот на светлината“ влезе во потесниот избор за наградата „Јаснаја Полјана“

Писателот Венко Андоновски со романот „Папокот на светлината“ влезе во потесниот избор за светската книжевна наградата „Јаснаја Полјана“ позната и како „Источен Букер“.

„Оваа година имаме една од најизбалансираните кратки листи за странска литература. Нема доминација на некој јазик или регион. Располагаме со преводи од шпански, кинески, германски, македонски, англиски. Најпрво, би сакал да ве запознаам со еден исклучително талентиран автор од Источна Европа, кој веќе пред неколку години го привлече вниманието на жирито со едно друго дело („Папокот на светот“ во превод на Олга Панкина) и тогаш предизвика, добро се сеќавам, најжив и најголем интерес. Тоа е македонскиот писател Венко Андоновски. Нема сомнение дека денес тој е предводник и врвен претставник на балканската литература, длабоко ценета во Русија. Неговиот нов роман „Папокот на светлината“, во извонредниот превод на Олга Панкина, е прекрасен спој на умот, темпераментот, мудроста, имагинацијата и уметничкиот вкус“, изјавил Владислав Отрошенко, еден од членовите на жирито.

Во потесниот круг за оваа Толстоева награда покрај романот на Андоновски се и насловите „Палата на соништата“ на Исмаил Кадаре (Албанија), „Внука“ на Бернхард Шлинк (Германија, познат по романот и филмот „Читачот“), „Зимски војник“ на Даниел Мејсон (САД, познат по „Пијано штимер“), „Пиштарки“ на Фернандо Арамбуру (Шпанија), „Кожурец“ на Џанг Јуеран (Кина), „Звукот на нештата што паѓаат“ на Хуан Габриел Васкез (Колумбија), „Ветување“ на Дејмонд Галгут (Јужна Африка).

Жири комисијата е во состав на Владимир Илич Толстој (правнук на Лав Н. Толстој) и писателите
Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владимир Отрашенко и Павел Басински.

„Овогодишниот потесен избор е интересен не само поради разновидните високоуметнички текстови во одлични преводи, туку и поради географската широчина на опфатот. Застапени се сите континенти освен Австралија: Европа, Азија, САД, Латинска Америка, Африка. Ова е навистина глобален поглед врз современата светска проза во нејзината најдобра форма“, истакнал писателот и член на жирито, Павел Басински.

Книжевната награда „Јаснаја Полјана“ е востановена во 2003 година, а ја доделуваат Музејот „Јаснаја Полјана“ и „Самсунг електроникс“. Наградата се доделува за најдобро прозно дело во четири номинации: современа руска проза, странска литература во превод на руски, пропуштени ремек-дела и личност. Наградата jа добиваат писателот и преведувачот.