Вечерва се отвора 62. издание на фестивалот „Охридско лето“

Со концерт на светски познатите тенори од Италија, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини, во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет, а под диригентската палка на Лоренцо Бицари, вечерва (12 јули) на Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Културната програма нуди 40 атрактивни фестивалски вечери со 36 концерти, 10 домашни и странски театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. На овогодинешното издание на фестивалот својата уметност ќе ја претстават 1.000 уметници од 25 различни земји.

Настаните во рамки на фестивалот ќе одржуваат на 5 различни локации, во Центарот за култура, црквата „Св. Софија“, сцената во предворјето на црквата „Св. Софија“, Античкиот театар и на сцената „Долни Сарај“.

Селектори на 62. „Охридско лето“ се Бисера Чадловска, диригент во Националната Опера и Балет и Сања Арсовска, актерка од Драмски театар Скопје.

Театарската програма ја предводат њујоршкиот театар „Ла Мама“ со копродукциската „Балкан Бордело“, белградските „Војна и мир“ и „Вујко Вања“, украинската „Кротењето на опаката“, како и 6 исклучителни домашни претстави. Публиката ќе има можност да погледне десет театарски остварувања, шест домашни и четири странски, посочуваат организаторите. За најмладата публика ќе настапи колективот „5+ Фамилија“ со сценско-музичкиот перформанс „Немаме резервна планета”, режиран од Сандра Ѓеорѓиева.

„Помеѓу многуте настани, на роденденот на ‘Охридско лето’, ќе имаме можност да го видиме фламенко балетот ‘Луксурија’, спектакл базиран на традиционални шпански фламенко танци, а фестивалот ќе биде затворен со концерт посветен на делото на легендарниот македонски композитор Александар Џамбазов“, се вели во најавата од Министерството за култура.

Пред официјалната фестивалска програма на годинешното „Охридско лето“, од 9 до 11 јули се одржуваше „Подиумот на млади уметници“ преку кој свој настап имаа млади музичари, пијанисти и виолончелисти, а се претстави и камерниот ансамбл „Нонет+“ основан од Музичка младина на Македонија во 2019 година под раководство на диригентот и композитор Ангел Спироски.