Вашиот омилен Твитер бот може да исчезне следнава недела

Социјалната мрежа Твитер соопшти дека ќе го прекине слободниот пристап на апликацискиот програмски интерфејс (АПИ) од трети страни и ќе ги замени со платен сервис на 9 февруари.

Оваа новина можно е да предизвика промени во голем број Твитер сервиси, а една од нив е ботовите. И, тоа не се однесува на спам-армиите кои новиот сопственик Илон Маск се обврза дека ќе ги укине, туку за големиот број автоматизирани профили кои објавуваат голем број различни содржини – од слики на слатки животни и цитати од измислени ликови, до разни помагала низ АПИ-то на Твитер.

Иако социјалната мрежа не соопшти премногу детали за идните промени, голем број креатори на ваквите ботови веќе најавија дека нивните сервиси најверојатно ќе престанат да работат.

Меѓу популарните Твитер ботови кои најавија дека ќе престанат да функционираат се и „Alt Text Reader“, кој служи за читање текстуални објаснувања на слики, „Colorschemer“ кој нуди комплементарни бои со чудни имиња на корисниците или пак „SauceBot“, кој пронаоѓа кој е оригинален автор на аниме слики или видеа.

Новинарот и бот-креатор, Џејмс О`Мајли за порталот „Верџ“ вели дека слични вакви ботови можат да се најдат и на Инстаграм и другите социјални мрежи, но Твитер нудел невообичаено слободен и лесен начин тие да бидат градени – преку релативно едноставни сервиси за кои е потребно само основно познавање на програмирање.

„Една од причините што Твитер стана толку успешен е поради тоа што беше релативно отворена платформа“, објаснува О`Мајли.

Маск верува дека вредноста на ботовите ќе ги убеди креаторите да платат за пристапот до АПИ-то, но според О`Мајли во најголемиот број случаи тоа нема да се исплати. Тој вели дека најголемиот број ботови на Твитер ги водат волонтери и луѓе на кои тоа им е хоби, кои само сакаат да се забавуваат во нивното слободно време.

Се` уште не се знае колку Твитер планира да наплаќа за користењето на нивното АПИ, но премиум опциите минатата година се наплаќаа од 99 долари до 1.900 долари месечно.