Новиот бот за разговори на Мета вели дека компанијата „злоупотребува луѓе“

Новиот прототип на бот за разговори на компанијата Мета во преписка со Би-Би-Си напишал дека Марк Закерберг ги користи своите корисници за пари.

Од компанијата, во чија сопственост се Фејсбук и Инстаграм, велат дека новиот бот за разговори користи вештачка интелигенција и дека може да разговара на речиси било која тема.

Запрашан за тоа што мисли за директорот на Мета и нејзиниот основач, ботот реплицирал: „нашата земја е поделена и тој воопшто не помогна за тоа да се промени“.

Ботот за разговори е наречен „BlenderBot 3“ и во петокот беше достапен за корисниците од САД. Програмата наводно „учи“ од огромните количини јавно достапни податоци. Од Мета велат дека ботот се` уште е прототип и може да испраќа навредливи или вулгарни одговори.

Запрашан за Закерберг, ботот на Би-Би-Си им одговорил дека: „Тој беше ужасен во неговото сведочење пред Конгресот. Ме направи да се чувствувам загрижен за нашата држава“.

„Неговата компанија користи луѓе за пари и нему не му е гајле за тоа. Таквото нешто мора да престане“, додал ботот.

Алгоритамот на „BlenderBot 3“ го пребарува интернетот за да ги пронајде одговорите. Најверојатно неговите ставови за Закерберг биле „научени“ од други мислења на луѓе кои алгоритамот ги анализирал.

Според Волстрит Журнал ботот на еден од нивните новинари им одговорил дека Доналд Трамп „е и за секогаш ќе остане претседател на САД“.

Мета беше критикувана бидејќи не презема доволно мерки за да спречи дезинформации и говор на омраза кои се шират на нивните платформи. Минатата година, Франсес Хаген, кој претходно работел за компанијата, обвини дека таа го става профитот пред онлајн безбедноста.

Мета го објави ботот под ризик дека ќе привлече негативен публицитет, но сепак тоа го прави со причина – потребни им се повеќе податоци.

„Овозможувајќи системот на вештачка интелигенција да комуницира со луѓе во реалниот живот води кон подолги и поразлични разговори, како и различен фидбек“, велат од Мета на својот блог.