Валенсија е „Најзелен град на годината“ за 2024

Шпанскиот град Валенсија се стекна со титулата „Најзелен град на годината“ (European Green Capital) за 2024 година. На церемонија минатата недела, Валенсија која веќе има започнато повеќе од 400 одржливи настани за 2024, го презеде местото на Талин кој беше најзелениот град во 2023 година,

„Валенсија ја заслужува титулата поради амбициозната стратегија за одржливост, и ги има научено лекциите од минатото. Веќе многу децении наназад градот оди напред со смело граѓанско движење кое одржува вистинска промена. Луѓето се предноста на овој град“, изјави еврокомесарот за животна средина, океани и рибарство, Вирџинијус Синкевичиус.

Југоисточниот град на Шпанија веќе има цврста основа за започнување на проектите за одржливост. Валенсија може да се пофали со градини со површина од повеќе од 2 милиони метри квадратни, што ја прави популарна туристичка дестинација за останатиот дел од Европа. На само 10 километри јужно од центарот се наоѓа Националниот парк Албуфера, што е заштитена лагуна и област опишана како „белите дробови на градот“.

Со сите овие предности Валенсија успеа да го победи својот кофиналист, италијанскиот град Каљари.

Мотото на Валенсија е „Заедничка мисија“, а Комисијата ги пофали градските власти за нивната соработка со жителите заедно да постигнат климатска неутралност и еколошки цели.

Како дел од мисијата градот до 2030 година целосно да се ослободи од емисиите на јаглерод, веќе се започнати бројни зелени иницијативи. Многу од нив се наоѓаат во областа Кабањал, историски позната како дом на локалните рибари. На пример, општинскиот пазар Кабањал што се протега на површина од 3.5000 метри квадратни, прочистувањето на воздухот се врши со помош на соларни панели поставени на кровот.

Во близина се наоѓа и Лас Навес, првата „социјализирана соларна централа“ на Валенсија која 80% е финансирана од жителите. Секој од нив дал влог од 100 до 2.000 евра за генератор за обновлива енергија. Пример за друга зелена иницијатива се светилниците поставени околу морското пристаниште. 20.000 ламби се опремени со технологија за заштеда на енергија.

Наградата „Најзелен град во Европа“ започна да се доделува во 2010 година, и оттогаш креира здраво „ривалство“ меѓу големите европски градови поттикнувајќи ги да преминуваат кон одржливост и подобро да се грижат за природата и за животот на граѓаните.

Радио МОФ во текстот Наместо див урбанизам и сообраќаен грч, новиот ГУП за Скопје треба да нуди зеленило и јавни простори  направи интерактивна мапа на европски градови кои се одликуваат со успешно справување на намалувањето коли и се движат на патот кон целосно зелени и одржливи градови. Мапата може да ја погледнете овде.