Утре започнува Кинo Кабаре во Битола

Од 2 до 8 април 2019 година во Битола ќе се одржи Кино Кабаре за 2019 година. Настанот е активност на неформалната КиноБит ќелија (клетка) која минатата година со организираше првото Кино Кабаре, со што официјално стана дел од светското Кино движење (Kino movement) кое започна во Монтреал, Канада, во 1999 година. Концептот на ова Движење е изработка на кратки филмови во краток временски период (48-72 часа) без никакви или со малку ресурси.

КиноБит има специјална мисија – да го искористи краткиот филм како средство за промовирање на човековите права. Првите три дена од програмата ќе се фокусирани на запознавање на учесниците и формирање на тимови, како и работилници со стручни лица за техничките аспекти на филмот и за промовирање на човековите права преку визуелните уметности. Следните три дена ќе се одржи КиноБит лаборатријата, односно учесниците ќе се соберат на тридневен настан за време на кој ќе работат заедно за да подготват, произведат и прикажат кратки филмови.

Прикажувањето на филмовите е најавено за 7 април 2019 година, во 18 часот во Малата сала на Центар за култура Битола. Годинава програмата за Кино Кабаре Битола ќе ја следат 20 директни учесници од земјава, а останати 15 учесници ќе се приклучат за време на лабораторијата.

Организатор на Кино Кабаре Битола е Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 – Битола во партнерство со граѓанските организации СФЕРА, Центар за европски развој и интеграција (ЦЕРИ) и ИНОВА ЛАВ, а со поддршка на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и НУ Центар за култура-Битола. Имајќи предвид дека овој настан е се уште самофинансирачки, ФОРУМ 16 во март организира донаторски настан „Светло. Камера. Акција! За активни и вклучени млади“, каде што беа соопштени сите индивидуалци, организации, компани и институции кои обезбедија поддршка, спонзорства и донации. Годинава, ФОРУМ 16 обезбеди спонзорства и донации од 11 компании во вкупна вредност од околу 152.000 денари.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.